Жените „невидливи“ на раководните позиции во спортот

Истражувањето кое беше презентирано денеска во МОК опфаќа 30 национални федерации. Во него стои дека мажите доминираат во генералните собранија со 83 проценти и извршните тела со 77 отсто застапеност.
Поголемиот дел од организациите немаат ефективни механизми за вклучување на жените, а родовата еднаквост, иако често наведена во стратегиските документи, ретко кога се имплементира во пракса.
Културата на исклучување, недостигот од јавни конкурси, ограничените можности за обука и професионален развој, како и општата нечувствителност кон родовите прашања, создаваат непријателска клима за жените. Сето тоа се рефлектира уште од најрана возраст, кога девојчињата имаат ограничен пристап до спортски активности – тренд што продолжува и понатаму во нивната кариера.
Особено загрижува положбата на жените со попреченост каде што истражувањето истакнува дека тие се соочуваат со непристапна спортска инфраструктура, недостиг на ресурси и поддршка, но и со дополнителна дискриминација. Во спортските политики, нивното присуство е речиси незабележливо, а податоците за оваа категорија се или отсутни или несистематски собирани.
Дел од општите препораки од истражувањето вклучуваат спроведување истражувања за родовата еднаквост и попреченоста во спортот, јавни кампањи и обуки за подигање на свеста и соработка со граѓански организации и развој на инклузивни спортски програми.
Препораките за креаторите на политики се воведување задолжителна родова застапеност од минимум 40 отсто, усогласување на спортското законодавство со меѓународните стандарди, буџетска поддршка за женски спорт и спорт за лица со попреченост и систематско собирање и објавување на родово раздвоени податоци.
За спортските организации препораките се усвојување политики за родова еднаквост и инклузија, обуки и менторски програми за жени, особено по завршување на спортската кариера и обезбедување пристапна инфраструктура и флексибилни услови за работа.
Истражувањето спроведено од Силвија Митевска, Бојана Јовановска и Елена Кочоска е изработено од Македонскиот Олимписки Комитет, во соработка со партнерите на проектот „Фер игра:Поддршка за родова еднаквост во спортските политики“. Во него се користени комбинирани квантитативни и квалитативни методи, како што се онлајн анкети, структурирани интервјуа и фокус-групи, за да се идентификуваат структурните и културните бариери со кои се соочуваат жените во пристапот до раководни позиции во спортските организации.