Жената се бори за рамноправност, не за ексклузивност: Интервју со Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија

Никогаш не сум задоволна, секогаш постои креативен црв кој ме гризе и бодри да си докажам, пред сѐ себеси, дека можам повеќе, вели Дита Старова-Ќерими за „Независен“


Фото: Б. Грданоски

-Имаме впечатлив национален павилјон, кој на високопрофесионален начин ги спојува естетскиот уметнички пристап со повеќеслојната концепциска основа. Врвно уметничко дело кое ќе ве плени и ќе го задржи вашето внимание, и со своите визуелни квалитети и со нарацијата која ја раскажува, и со реакцијата што ја побудува. Тоа е крик против апсурдите на човештвото, на сите експлицитни или имплицитни војни, убиства, уништувања, апропријации, колонизации, зла. Реакциите на публиките се фантастични. Овој „револт“ допира до секој поединец, зашто без оглед на локалната приказна, таа говори за сите глобални рак-рани чии жртви сме сите ние, вели Дита Старова- Ќерими за македонското учество на Венециското биенале, актуелно во уметничкиот свет, во интервјуто за „Независен“.

Ќерими (1984) , е во фокусот на вниманието на културната јавност и како директорка на Националната галерија , која со бројните врвни изложби ја раздвижи културната сцена и ја врати публиката, академска сликарка и педагог, доцент на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје, и како убава дама со стил.

За Венеција, како актуелен центар на уметноста, за жените на моќни позиции, за тенката линија меѓу модата и уметноста, за новите зацртани проекти, за „тежината“ на славното презиме Старова, и за животните лекции како родител, во продолжение на интервјуто.

Фото: Б. Грданоски

 

Актуелни сте како комесар на македонското претставување на 59. Венециско биенале за ликовна уметност, каде заедно со министерката за култура бевте на отвoрањето на македонскиот павилјон (меѓу 61 национални павилјони) и претставување на нашиот проект „Пејзажно искуство“ на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска. Со какви впечатоци се вративте од Венеција?

Впечатоците се импресивни, како и по секое патување поврзано со уметност, култура и сензорни дразби од секаков вид. Но кога ќе се вратите од патување во кое целта ги оправдала средствата и кога резултатите од постигнатото се меѓународно видливи и препознаени, тогаш задоволството и исполнетоста се незаменливи. Имаме впечатлив национален павилјон, кој на високопрофесионален начин ги спојува естетскиот уметнички пристап со повеќеслојната концепциска основа. Врвно уметничко дело кое ќе ве плени и ќе го задржи вашето внимание, и со своите визуелни квалитети и со нарацијата која ја раскажува, и со реакцијата што ја побудува. Тоа е крик против апсурдите на човештвото, на сите експлицитни или имплицитни војни, убиства, уништувања, апропријации, колонизации, зла. Реакциите на публиките се фантастични. Овој „револт“ допира до секој поединец, зашто без оглед на локалната приказна, таа говори за сите глобални рак-рани чии жртви сме сите ние.

Уште еден факт што ги исполнува однапред зададените очекувања е дека по направениот преглед на останатите изложби, кои се дел од Венециското биенале, може да се заклучи дека навистина имаме сериозен проект кој може да се носи рамо до рамо со останатите светски визуелни текови. Проектите од регионот се истакнуваат по својот концептуален пристап со особен социо-политички импакт, што укажува на сѐ уште актуелната реакционерна основа на уметноста која се создава во источниот европски блок.

 

Според вас, што го прави Венециското биенале едно од најпрестижните манифестации во светот? Како изгледа протоколот? Дали останува време да уживате во архитектурата, модата и храната во Венеција? Можете ли да пренесете дел од атмосферата од Венеција, како актуелен центар на уметноста?

Венециското биенале е најголемиот меѓународен преглед на актуелните случувања во уметноста, иако и низ годините и годинава се гледа дека, всушност, ваквиот тип манифестации стануваат големи саеми за уметност, каде на сцена се големи политики и маркетиншки подвизи кои актуализираат одредени држави, појави, трендови, актуелни области кои ќе го носат белегот на тоа специфично издание. Квалитетот не е секогаш во прв план. Така беше и сега. Сепак, одлично е да се биде дел од една ваква манифестација со свој претставник, бидејќи тоа е релевантен начин да согледате каде котирате во меѓународен контекст. Друга придобивка е што на ваквите случувања се склучуваат нови познанства и се започнуваат важни соработки со сродни институции, со исклучителни индивидуалци, професионалци, прекрасни уметници. Време за уживање во спецификите и шармот на Венеција нема многу, но секогаш во мноштвото работни часови се успева да се украде некоја минутка за да се впие дел од таа „елитистичка“ атмосфера. Романтични градби, убави и насмеани луѓе, мода која и покрај својата лежерност и авангардност (актуелните чинители се секако луѓе од уметничкиот свет) зрачи со префинетост, вкус и стил. Храната, пак, е посебен празник за гурманите, со особен акцент на плодовите кои ги дава во изобилие самото море.

 

Како да се наметнете како држава и уметност на ваков значаен настан од културата која ги спојува уметниците од цел свет и заговара еден поинаков начин на уметноста?

Тешко е малите држави како нашата да се наметнат во нормални околности, со малите и скромни буџети што се издвојуваат за еден ваков значаен меѓународен настан. Ние не можеме да се истакнеме со високата продукција, ниту, пак, со изобилие и раскош во претставувањето. Кај нас сѐ е секогаш скромно, на скромни локации, со скромни продукции, со малку средства за маркетинг и лобирање. Малите земји обично успеваат да добијат некоја видливост само и исклучително ако непосредно околу нив се случиле некои настани: војни, колонизации, скандали… За жал, тоа е патот до „препознатливоста“. Но не смееме да се жалиме, бидејќи сме големи борци и снаодливи импровизатори – во позитивна смисла. Сепак, и со такви мали и скромни појдовни можности, постигнуваме многу. Го привлекуваме вниманието на медиумите, на меѓународните куратори, на уметниците, и оставаме впечаток врз пошироката публика. Уметноста е универзален јазик, а силните пораки наоѓаат пат да бидат пренесени и разбрани.

Фото: Б. Грданоски

Годинава Биеналето особено ги слави жените уметници. Кои се најголемите предизвици и предности на една жена на ваква значајна функција?

Да, целата централна изложба на кураторката Сесилија Алемани е во духот на жената, па и голем број од националните претставувања се од страна на уметнички. Но секоја исклучителност е крајност, жената се бори за рамноправност, не за ексклузивност. Оттука, не сум докрај сигурна околу ваквиот пристап на Алемани на годишното биенале. Но, нејсе. Јас како жена се чувствувам сигурна и моќна на позицијата директор на Националната галерија. Живееме во општество во кое сѐ уште патријархатот има приоритет, но кога знаете како да ги користите своето знаење и шарм, во комбинација со дипломатија и компромис, резултатите се загарантирани. Не се чувствувам помалку вредна во ниту една смисла.

 

Тенка е линијата меѓу модата и уметноста во Венеција. Дури и „Диор“ е еден од поддржувачите на настанот, благодарејќи на годинешниот куратор, Сесилија Алемани, првата Италијанка во таа улога и пријателка на Пјетро Бекари, претседател и главен извршен директор на Christian Dior Couture. Вашиот моден стил исто така е впечатлив, па дали по секое враќање од некој моден центар, тоа влијае врз вашиот изглед? Дали го менувате или тој е постојан?

Среќата да растам во модниот центар на светот, раскошниот Париз, секако дека во мене остави големи траги. Прецизен отмен стил, секогаш одмерен и грациозен. Како ученичка во значајно училиште во Париз, Janson de Sailly, каде што секој детаљ треба да се усогласи во однос на големите вредности што ги негува Франција, потоа како ученичка  во средното уметничко училиште и студентка на Факултетот за ликовни уметности, стилот низ годините ми се менуваше и стануваше креативен. Како професор на Универзитетот „Американ колеџ“ и како директор на Националната галерија се обидувам да се придржувам кон одреден начин на облекување, но усогласувајќи се со колоритен и минималистичен стил, кој станува препознатлив за мене. Колоритниот однос што го имаме изградено ние, уметниците, е сосема возбудлив сам по себе. Бојата за мене е душа на сликата, воедно и на личноста. Се водам од тезата на теоријата на боите дека ведрите бои расположуваат, така сакам и да се облекувам во бои што ќе ме расположуваат.

Боите имаат силна апликативна улога во нашиот живот. Според бојата се одредува и духот на носителот. За моите јавни настапи се обидувам да останам верна на мојот пристап секогаш да бидам различна и своја.

Патувањата се можност за гледање и впивање во секој аспект, а особено во визуелниот. Од најрана возраст патувам, сите патувања во мене оставаат белег како уметник кој восприема визуелни прикази и како жена која се дефинира при изгледот што го негува.

 

Кој моден дизајнер ви се допаѓа?

Посебно ме интересираат дизајнерите кои на спектакуларен и мистериозен начин навлегуваат во бесконечни детали. Дизајнерите кои се инспирираат од различните елементи на природата, од флората и фауната, а особено од цветовите. Оние кои преку своите креации наликуваат на карактеристични обоени платна и резултираат во неверојатни ансамбли кои ја зрачат суштината на природата и световите, нејзината супериорна есетика. Посебно би ја издвоила Ајрис Ван Херпен, која е под големо влијание на различните аспекти на природата. Како дизајнер би ја издвоила и Стела Макартни. Исто така и Рахул Мишра, заради неговата наклоност кон природата и затоа што секогаш дава живот на нова, извонредна модна креација.

Многу ги сакам цветовите. Често ги сликам и ги носам како моден детаљ. Цветот е богат извор на инспирација за дизајнерите, уметниците и парфимериите уште од раната човечка цивилизација. Фасцинацијата на човештвото со цветот ја одразува нашата привлечност кон неговата ефемерна убавина и нашата желба да ја доловиме во потрајна форма. Моментот на совршенството на цветот е исклучителен, но минлив, совршен симбол на краткотрајноста на човечкиот живот.

Особено ружата, највозбудливиот цвет од сите, цвет за украсување, провокација, протест и страст, останува постојан извор на утеха, особено сега, за време на оваа глобална пандемија која сѐ уште има последици. Ружата не е само убава, туку е и издржлива и силна, таа секогаш повторно ќе процвета.

Тоа ветување за свежо цветање е трајно наследство, светилник на надеж за љубителите на убавината и причина зошто продолжува да ме фасцинира и инспирира.

Дизајнерот Александар Меквин правеше мода инспирирана од ружите. Од современите дизајнери, Алесандро Микеле во „Гучи“, Ричард Квин, Ердем, Том Браун и Пјерпаоло Пичоли во „Валентино“, сите црпат инспирација од ружата. Ова можеби е тајната на трајната улога на цветната модна муза: ја негуваат сите без разлика на етничката припадност, вера, пол или политичката определба. Естетиката на ружата со векови ја поттикнува модата поради нејзината единствена способност да побуди во човечката душа креативност, да ја задоволи нашата потрага по убавина и да нѐ обедини во восхит.

Во Македонија низ годините се пронаоѓам во модните креации на „Бела“. Можам да кажам дека тие и деловно и креативно се надополнуваат во мојот професионален живот.

Фото: Б. Грданоски

Дали функцијата директор на Националната галерија ви ги исполни очекувањата? Кои предизвици ве изненадија, и дали сето она што го замисливте и го реализиравте? Тука мислам, пред сѐ, на објектите на „Мала станица“, „Чифте амам“ и „Даут-пашин амам“ и куќата на Лазар Личеноски…

Очекувањата и можностите не се секогаш сојузници. Сепак, таа „битка“ е мотив постојано да си ги испитуваме границите и можностите и да си поставуваме нови предизвици. Никогаш не сум задоволна, секогаш постои креативен црв кој ме гризе и бодри да си докажам, пред сѐ себеси, дека можам повеќе. Секако, во тие битки не одам сама, за среќа, имам одлични колеги во колективот без кои достигнувањата би биле невозможни. Затоа постојано му се заблагодарувам на тимот со кој заедно го одиме овој пат кон нова препознатливост и вратен квалитет на Националната галерија долг веќе 6 години. Враќањето на публиката во Галеријата по пандемијата беше уште еден предизвик со кој успешно се изборивме благодарение на континуираната анимација и едукација и во текот на тоа време. Се трудиме нивото на квалитет на проектите да го одржиме високо, заради што треба постојано да ги подигнуваме критериумите. Но она што за мене е клучно, како менаџер, е инфраструктурно да ги подобрам условите за функционирање на нашите објекти. Најнапред да се создадат адекватни депоа, според сите музејски стандарди, за чување и заштита на богатото културно наследство, а потоа да се направат одлични галериски простории за изложување на нашите дела и на новите уметнички проекти. Почнав со Даут-пашиниот амам, па Чифте-амамот, кои беа реконструирани во изминатите години, а за годинава чекаме капитална инвестиција за реконструкција на Мала станица, која е во тек. Секако, нѐ чекаат и големи зафати околу санирање и подготвување на Спомен-куќата на Лазар Личеноски за музејска поставка.

 

Годинава, кој ви е најголем зацртан проект?

Оваа година најголем проект ќе биде реконструкцијата на Мала станица, односно адаптација и санација на објектот. Изработката на проектно-техничка документација на ниво на Основен проект е дел од Програмата за иградба на нови објекти и за реконструкција, санација и адаптација на постојните објекти што ги користат националните установи од областа на културата, донесена од страна на Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Објектот Мала станица е изграден во 1924 година за потребите на железницата, а по Втората светска војна е користен како магацин на Југословенската народна армија. Објектот е со површина од 2000 м2 и се протега на две нивоа – приземје и кат. Во 2005 година започнува да работи во состав на Националната галерија на Македонија како мултимедијален простор со различни содржини. За жал, моменталната состојба во поглед на содржинско-просторната организација и инфраструктурна опременост повеќе не ги задоволува современите потреби на институцијата.

Бидејќи станува збор за адаптиран, а не наменски изграден простор, за да се задоволат сегашните, но и идните потреби на галеријата, неопходно е преземање на архитектонско-ентериерни и инфраструктурни реконструктивни зафати врз објектот. Ваквите активности се во насока на исполнување на принципите, нормите и стандардите за чување, презентација и соодветна заштита на движното културно наследство кое се наоѓа во сопственост на галеријата, но и на делата кои се сопственост на други домашни и странски институции и приватни лица. Воедно, ќе бидат овозможени и сите технички услови за организирање на комплексни современи домашни и странски изложби и други активности од областа на едукацијата.

Со реализација на овој проект и исполнување на сите технички услови, ќе постигнеме и остварување на целта за музејот, односно галеријата да стане културно средиште околу кое ќе гравитира пошироката јавност, од разни истражувачи и експерти, студенти, едукатори, и љубители на уметноста и посетители од сите возрасни категории.

 

Вие сте и сликар, и педагог, доцент на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје, потекнувате од славното семејство Старова, вашите родители се академик Луан Старова и Гзиме Старова, професор и судија во Уставниот суд. Дали во текот на вашиот живот и кариера вашето презиме беше предност или евентуално притисок да бидете најдобри во тоа што го работите?

Да се биде ќерка на еминентен писател и на професорка, двајцата успешни во своите области, и да се расте со големата таткова библиотека, е идеал за секое дете што расте во здрава средина. Естетските вредности ви се наметнуваат уште од најмала возраст, а покрај родителите и се надополнуваат. Домашното воспитување, гените и соодветната едукација се клуч за растење успешни деца. Имајќи во животот пример како да се стигне до успехот, тие секогаш ми биле репер. Старите рекле дека хармоничното семејството е неисцрпен извор на позитивна енергија, сила и радост за каков било предизвик. При секој мојот избор, вложувајќи сѐ од себе, секогаш се водев од тоа да се гордеат со мене и да ја продолжам нивната мисија за хуманост и дејствување во општеството. Можам да речам дека и предноста и притисокот во мене биле секогаш позитивни, да се надминам себеси придржувајќи се кон нивните примери за истрајност и вложување во сѐ што прават.

 

На кои животни лекции ги учите вашите деца?

Со сопругот Фидан сме родители на две деца, синот Арбер, кој има 9 години, и ќерката Арба, која има 7 години. Родителството беше најголемиот предизвик со кој се соочив, а истовремено тој најмногу ме научи. Исто така, ми помогна да се фокусирам на она што навистина сакам да го знаат моите деца – освен да ги научам да сакаат да читаат, да гледаат во очи и да ја кажуваат вистината, да бидат добри слушатели, дека е во ред да плачат кога се трогнати и да можат лесно да изразат како се чувствуваат, да ја покажат нивната среќа. И се разбира, голема радост е да ја споделите магијата на животот со нив двајцата.

Во ова време на дигитализација сите информации им се достапни како и на децата низ целиот свет. Имаат целосна слика за глобалните случувања што низ годините веќе нѐ следат како светската пандемија, за војните… Тешко е да се разбере современиот свет за да им се доловат убавините на живеењето.

Ги учам дека почитувањето е основно за развојот на разни други карактерни црти. Почитувањето на постарите, почитта кон другите луѓе, почитувањето на авторитетот, почитта кон себе – сето тоа е пресудно за да станете добро човечко суштество. Да се биде почитуван помага да се создаде чувство на самопочит и емпатија кон другите. Тоа може да ги научи децата мирно да коегзистираат и да ги прифаќаат луѓето какви што се, без разлика на нивната вера и религија. Може да следат важни квалитети како послушност, самоконтрола, љубезност, решителност доколку постои основна човечка почит. Да ги почитуваат сите. И да не забораваат дека честопати разликата е сила.

Ги учам да бидат љубопитни, зашто учењето и разбирањето се буквално извор на енергија и на индивидуалниот и на општествениот напредок. На нашиот вид му преостанува многу да научи за сопствената психологија, за нашата планета и особено за нашиот универзум и во тоа несмалената желба за тековно знаење е клучот за подобрување. Знаењето е богатство што ќе го следи својот сопственик насекаде, вели една стара кинеска поговорка.

Се обидувам да разберат дека се способни да постигнат големи работи во животот, секогаш да го слушаат своето срце, да покажуваат емпатија кон другите, но да не дозволуваат другите да им прават тешкотии. Никогаш да не се откажуваат од своите соништа. Како што рекол Алберт Ајнштајн: Никогаш не откажувајте се од она што навистина сакате да го правите. Личноста со големи соништа е помоќна од онаа што ги има сите факти.

Постојано им го повторувам и советот на мојот татко Луан: „Никогаш не смеете да престанете да читате и да учите“.