Жена ќе биде претседател на Албанија?


 

Социјалистичката партија на Албанија, која има мнозинство во парламентот, формираше работна група која ќе предложи претседателски кандидат.

Меѓу имињата кои доминираат има најмногу жени, пренесе „Сот њуз“.

Мандатот на Илир Мета престанува на 24 јули, а како што се наведува, Еди Рама е премиер кој им дал повеќе простор на жените во политиката од која и да е претходна власт.

На листата потенцијални претседателски кандидати на масата на Рама се само жени.

Кандидати за функцијата претседател се Мајлинда Брегу, Валентина Лескај, Мими Кодели, Ермелинда Мекси, Ина Рама, Љуљета Божо, Миљва Икономи, Бесијана Кадаре и Ауреља Анастаси.

Мејлинда Брегу е единствена албанска десничарска политичарка со врски во Брисел и Вашингтон, која својата кариера ја продолжува како дипломат во регионалните институции на Европската унија.

Валентина Лескај, со многу интензивна политичка кариера, едно е од можните имиња за претседател. Избрана е за пратеник во четири парламентарни состави, а била на функцијата заменик-претседател на Собранието. По заминувањето на Илир Мета од местото претседател, Лескај претседаваше со Собранието.

Една од кандидатките е и пратеничката од СП и поранешна министерка за одбрана Мими Кодели, а како што се наведува, таа е идеална претставничка со 20 години кариера. Уште едно изненадување на листата на албанскиот премиер е и Ина Рама, генерален обвинител на Албанија од 2007 до 2012 година.

Исто така, можно е следниот претседател да биде најпознатата жена во светот на науката, инженерството и геотехниката, Љуљета Божо, додека Миљва Икономи, како што наведуваат, е политичарка на која Рама во последните години ѝ довери многу важни функции во власта.

Бесијана Кадаре, како што потсетуваат, ќека на Исмаил Кадаре има богата дипломатска кариера. Од 2011 до 2016 година беше амбасадорка на Албанија во ОН и нерезидентен амбасадор на Куба. Исто така, Бесијана Кадаре по втор пат е акредитирана за амбасадор на Албанија при УНЕСКО.

Аурелија Анастаси, која дипломирала право на Универзитетот во Тирана во 1988 година, има долга и успешна кариера во областа на правосудството.

Претседателот е врховен командант на војската и претставник на единството на албанскиот народ. Мандатот на претседателот зависи од довербата на парламентот и се избира за петгодишен мандат од парламентот со мнозинство од три петтини од сите негови членови.