Жељко Комшиќ го повика Обвинителството на БиХ да го гони Милорад Додик


Претседавачот со Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ го повика Обвинителството на БиХ да го гони Милорад Додик, кого го нарече поттикнувач и водач на група „обединета во уништувањето на уставниот поредок на БиХ и поткопувањето на државните институции“, откако парламентот на Република Српска усвои заклучоци денеска со кои на владата и се наложува да подготви закони за извлекување на ентитетот од уставниот поредок на Босна и Херцеговина.

„НСРС го напушти Дејтонскиот договор“,наведува Комшиќ, соопшти неговиот кабинет.

Комшиќ го повика Обвинителството на БиХ да покрене постапка против лицата кои донеле заклучоци во ентитетскиот парламент „кои директно го поткопуваат уставниот поредок на државата Босна и Херцеговина и го нарушуваат мирот и стабилноста во државата“.

Парламентот на Република Српска денеска ги поддржа предлозите за повлекување на согласноста на ентитетот за низа важечки закони во БиХ, кои опозицијата ги бојкотираше, предупредувајќи дека тоа доведува до нови конфликти и евентуално војна, јавија босански медиуми.

Четириесет и девет од 83 пратеници во телото гласаа за заклучоците со кои Националното собрание на РС ја повлекува согласноста за законите кои ја регулираат одбраната и безбедноста на ниво на БиХ, системот на индиректно оданочување и формирањето на Високиот судски и обвинителски совет. Заклучоците ги предложи и ги осмисли членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик.

Во заклучоците се наведува и дека владата на РС треба да предложи закони во период од шест месеци што ќе ги регулираат тие области на ниво на ентитет.

Една од опциите за кои се залага Додик е формирањето на армијата на РС по распуштањето на Вооружените сили на БиХ, кои постојат од 2005 година.

Сите овие закони беа донесени во државниот парламент на Босна и Херцеговина, но Додик сега објаснува дека таквите закони не важат доколку Националното собрание на РС еднострано одлучи повеќе да не ги признава.

Западните сојузници се закануваат со многу силни санкции против оние што ја дестабилизираат Босна и Херцеговина, додека Русија го поддржува Додик во, како што го нарекува, „враќањето на надлежностите што и припаѓаат на Република Српска според Дејтонскиот мировен договор“, јави Ал Џазира Балканс

Амбасадите на САД, Велика Британија, Германија, Италија, Франција и Делегацијата на ЕУ во БиХ се огласија по повод денешната седница на НСРС и порачаа дека заклучоците од седницата претставуваат дополнителен чекор кон ескалација. Во заедничката изјава, амбасадите истакнаа дека владата на РС мора да биде свесна дека продолжувањето на движење во слепа улица ја загрозува стабилноста на земјата.

„Членовите на владејачката коалиција во РС мора да бидат свесни дека продолжувањето да се движи низ овој ќорсокак предизвикувајќи ја дејтонската рамка им штети на економските перспективи на ентитетите, ја загрозува стабилноста на земјата и на целиот регион и ја загрозува иднината на БиХ во ЕУ. Зголемените тензии и блокирање на фунионирањето на институиите ќе ги ограничи економските прилики, ќе ги одврати инвестииите и ќе го пренасочи фокусот од борбата против корупцијата“. Амбасадорите истакнаа дека лидерите во РС мора веднаш да престанат со нивната запалива реторика и да се вратат во државните институции.

Се огласи и членот на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, кој ги осуди одлуките донесени на денешната седница. Тој го повика Обвинителството на БиХ да го заштити уставниот поредок и да покрене истрага против одговорните лица кои учествуваа на денешната седница.

„Ги повикувам институциите на Босна и Херцеговина, пред се Обвинителството на Босна и Херцеговина, да го заштитат уставниот поредок и да покренат истрага против сите одговорни за денешните настани“, нагласи Џаферовиќ.