Жбогар: Убеден сум дека Извештајот на ЕК ќе препорача преговори со Република Северна Македонија
Следната недела Европската комисија ќе го објави Извештајот за состојбите во земјата и мислам дека тој ќе го одразува огромниот напредок што беше постигнат во државата изминатата година. Јас сум убеден дека извештајот ќе препорача отворање преговори со Република Северна Македонија, рече денеска евроамабасадорот Самуел Жбогар, одговарајќи на прашањето на МИА дали земјава ќе добие позитивен извештај и датум за преговори.
Додаде дека одлуката за отворање на преговорите ја носат земјите членки на ЕУ врз основа на извештајот на ЕК.
– Таквата одлука очекуваме да се случи во јуни и се надеваме дека токму тоа ќе се случи. Сметам дека земјата во измината година навистина ја покажа својата посветеност на Европската Унија и на реформите. Се донесоа некои важни одлуки и опозицијата и Владата работат на многу важни закони и сметам дека имате со што да се пофалите и се надевам, исто така, дека ќе бидете пример во регионот за земја која е посветена на реформи, рече евроамбасадорот Жбогар, кој денеска беше во Струмица на културно-уметничкиот проект „Уметност и вода – магија на животот“ што се одржа на Пречистителната станица за отпадни води.