Жаргонот на лицемерието

„Двојната конотација“, која ја испорачува владејачкото лицемерие во Хрватска, е своевидна инструкција за опстанок во згрчената хрватска реалност. Кој ќе ја игнорира, лесно може да заврши во пеколот на предавството


Мачната приказна за хрватското државно здравство што безмилосно ја здроби бремената Мирела Чавајда, конечно ја заврши премиерот Андреј Пленковиќ, со три збора што и познавачите на неговиот политички менталитет лесно можеа однапред да ги погодат: „Нема забрана за абортус“.

Четири загрепски болници одбија да ја прекинат бременоста на Мирела Чавајда, и покрај нејзиното законско право да го стори тоа, и покрај фактот што на нејзиниот фетус е дијагностициран огромен малигнен тумор поради што има мали шанси да преживее, а доколку тоа се случи, би уследило вегетирање со тешки ментални и физички оштетувања, па трудницата беше принудена да оди во Словенија за да добие лекарска помош, но – „нема забрана за абортус“!

Кај Пленковиќ се работи за старата добра „двојна конотација“, иако овојпат не се повика на неа како при изнесувањето на официјалниот државен став за фашистичкиот поздрав. Третирајќи ја правната норма како форма чија содржина не нѐ обврзува и која може да се преврти наопаку како мека кожна ракавица, „владејачката мисла“ беше пласирана кај реципиентот по целосно истата шема: „За дом спремни“ е забранет со закон, но неговата употреба е дозволена; абортусот е дозволен со закон, но е оневозможено неговото извршување.

Жаргонот на лицемерието стана неизбежен отако е направена проекцијата на хрватското општество како цинично конституирана заедница, а горенаведениот низ, кога би имале простор и време, би можел да продолжи до недоглед. Да речеме: нашите генерали беа осудени во Хаг за најлошите злосторства, но ние ги сметаме за наши херои. Или, уште подобро: нашите судови ги осудија нашите воени злосторници, но ние им подигнавме мермерен споменик во Лора. Или: во Хрватска уставот ја гарантира слободата на говорот, но на Иван Цингел ќе му се суди затоа што пишувал недолично за „Бура“, додека Филип Драча ќе биде осуден затоа што го украсил споменикот на Фрањо Туѓман со срп и чекан. Или: Хрватското општество е секуларно, но учениците во училиштата посетуваат практично задолжителна веронаука…

Циничното општество е наместено така што овие недоразбирања се подносливи и, во зрела фаза, саморазбирливи. Како забревтана општествена машина, подмачкана со сите масти, таа е способна да ги апсорбира и среќно да ги помири навидум контрадикторните ефекти на владеењето на правото, националната идеологија и таканаречените колективни чувствителности. Единствено е што некои од борбено-суверенистичките пароли од славното доба на ковање на државност еволуираа во борбено-цинични, со препорака да се изговараат во себе: хрватската пушка остана на хрватското раме, иако е под ингеренција на НАТО, а хрватското пртмоне е заменето со хрватски прст во хрватски џеб.

„Двојната конотација“, која ја испорачува владејачкото лицемерие, е оттука своевидна инструкција за опстанок во згрчената хрватска реалност. Кој ќе ја игнорира, лесно може да заврши во пеколот на предавството. А самиот модел не е тешко да се усвои, рековме: усташкиот повик е забранет со закон, значи е дозволен, додека абортусот е дозволен со закон, значи не е допуштен. Исто како што произведува антифашистичка атмосфера за конзумирање на фашизмот, циничното општество обезбедува секуларна средина за практикување на верска и свештеничка принуда.

„Приговорот на совеста“, поради кој огромното мнозинство гинеколози во хрватските болници одбиваат да вршат абортуси, принудувајќи ги жените да бараат лекарска помош во странство, вклучително и оние со сериозни проблеми, како што е Мирела Чавајда, е показател за специфични социјални вештини, една од методи на егзистенцијално прилагодување на општествена средина исполнета со црковни камбани, мирис на темјан и миси со пеење, шифра со која – како на личен, така и на поширок план – се решава конфликтот помеѓу јавните прокламации и јавната практика. Клаудио Батистели, италијански феноменолог од христијанска провиниенција, напиша инспиративно за ова пред многу години, и нема ништо пологично од тоа да го цитираме овде:

„’Приговорот на совеста’ веќе не е гест преку кој ќе го спротивстави личниот морал на владејачката принуда, туку, напротив, начин владејачката идеологија да се смести во просторот на личниот морал. Растечката армија на храбри поединци кои со помош на ‘приговорот на совеста’ им пркосат на законските конвенции е поврзана со фактот дека нивните постапки се лишени и од најмал ризик. Ако приговорот на совеста некогаш неизбежно водеше до граѓанска непослушност, со последици кои би можеле да се манифестираат преку долги години затвор, сега ‘приговорот на совеста’ е врвна демонстрација на послушност, еден вид сведоштво дека поединецот, и покрај административните и правните искушенија, израснал во граѓанин на посакуван профил“.

И уште:

„Човек со носталгија се сеќава на херојските времиња кога практичарите на ‘приговорот на совеста’ правеа огромни жртви за да живеат во согласност со сопствените морални принципи. Сега, ордите опортунисти се охрабрени од недостатокот на ризик лажно да ги прогласат верските и/или идеолошките упатства како лични морални принципи. ‘Приговорот на совеста’, наместо израз на отпор, стана најпопуларна лиценца за практичен конформизам; неговите корисници, по цена да им ги ускратат правата и да им го отежнат животот на граѓанките на оваа земја, клечат пред авторитетот на владејачката црква и државата која цинично ѝ служи. За разлика од Јеховините сведоци и другите тврдоглавци, кои по цена на робија одбија да пукаат во други, тие не се ‘сами против системот’, туку се самиот систем“.

Опортунистичката војска опремена со бели мантили и распоредена во гинеколошките ординации на хрватските болници, значи, е систем, а тој работи многу ефикасно без оглед на законските недостатоци. Само кога ќе се појави привремена ерупција на непријатност – како и овој пат, исклучиво благодарение на јавното појавување на една храбра жена – доаѓа моментот да се потсетиме на правилата на игра кои се на сила во цинична заедница. Премиерот се јавува со свечена објава: „Не се случува она што се случува“.

Жаргонот на лицемерието обично е насочен кон побивање на очигледното. Но, очекувањата не се дека реципиентите навистина не го гледаат она што е очигледно, туку дека, без оглед на нивниот сопствен увид, тие да разберат дека не треба да се верува во очигледното. Во спротивно, постои закана од стигма, и тоа поради нарушување на куќниот ред. Во едно цинично општество, имено, не се бара мост, туку бездна која ќе воспостави врска помеѓу декларираното и реалното.

Со изјавата од пред неколку дена дека „нема забрана за абортус“ (иако тој е оневозможен), како и онаа од пред неколку недели дека „’За дом спремни’ веќе е со закон забранет“ (иако е дозволен), Пленковиќ има најмалку на ум нешто како приказ на вистинската состојба на работите: тој ги истакнува ориентирите кон кои следбениците мора да се придржуваат во нивното лицемерно жонглирање. Овие добро уиграни танцови чекори, од друга страна, ја потврдуваат неговата партија како каптолска политичка акспозитура, а нејзините членови како слабо камуфлирани крстоносци. Како резултат на тоа, жената во нејзината најдлабока приватност, сведена на предмет на религиозно и политичко насилство, ќе биде опустошена од обединетото дејствување на црквата и државата, бог и стапот, едно те исто.

На крајот на краиштата, еден од основачите на ХДЗ, свештеникот Анто Баковиќ, напиша во 1997 година во списанието „Народ“ (чиј бренд сега го наследува Жељка Маркиќ, шампион на хрватскиот католички фундаментализам): „Би сакал да ги потсетам драгите читатели дека НДХ траеше четири години и дека се водеше тешка, сурова војна, но таа држава направи многу за демографската обнова на Хрватска. Зошто да не ѝ се каже на денешната генерација Хрвати дека абортусот беше казнив со смрт за време на НДХ?“

Изгледа дека, освен религиозните догми, една од причините за згрозувањето од абортусот е и доживувањето на НДХ како историска матка на модерната држава. Под чизмата на ова помладата е поголем дел од населението: секундарни суштества во постсекуларната доба, кои можат со сигурност да кажат дека иднината е во нивните маки. Жените повеќе не се осудуваат на смрт. Тие се – што е за нијанса помалку срамно – осудени на живот во католичка Хрватска.

(Виктор Иванчиќ е хрватски новинар. Текстот е објавен во хравсткиот магазин „Новости“)