Зголемени цените на земјоделските производи во ЕУ: Најмногу поскапело млекото

Просечните цени на земјоделските производи во Европската унија (ЕУ) се зголемени за 2,2 отсто во четвртиот квартал од 2024 година во однос на истиот период од 2023 година, објави Евростат.
Спротивно на тоа, просечната цена на услугите и стоките што се користат во производството, како што се енергијата, ѓубривата или добиточната храна, е намалена за 2,7 отсто во однос на четвртиот квартал од 2023 година. Ова е најмал пад на цената во однос на претходните шест квартали.
На национално ниво, повеќето земји од ЕУ забележаа пораст на цените на земјоделските производи во набљудуваниот период. Највисоки стапки на раст се забележани во Ирска (18,4 отсто), Унгарија (14,9 отсто) и Романија (11 отсто).
Цените на услугите и стоките се намалија во повеќето земји од ЕУ. Намалување е забележано во Кипар (осум отсто) и Шпанија (7,1 отсто). Цената на млекото во ЕУ нагло се зголеми, за 15,3 отсто во однос на истиот квартал од 2023 година. Зголемување на цените е забележано во 24 земји од ЕУ, а највисоки стапки се забележани во Ирска (+43,7 отсто), Литванија (+33,2 отсто), Белгија (+30,8 отсто) и Шведска (+30,3 отсто).
Цените на житарките незначително се променија, во просек се зголемија за 0,3 отсто, со тоа што движењата на цените варираат во различни земји. Намалување е забележано во 17 земји, а пораст има во останатите десет.
Спротивно на тоа, цените на услугите и стоките што се користат во производството се намалени. Просечната цена на вештачкото ѓубриво е за 6,9 отсто пониска во однос на четвртиот квартал од 2023 година, а цената на добиточната храна е пониска за пет отсто.