Земјотрес од 5,7 степени во Јапонија. Најмалку 20 повредени (видео)


Земјотрес со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала ја погоди рано утринава централна Јапонија, при што се повредени повеќе од 20 лица, јавуваат властите и локалните медиуми. Земјотресот се случил во еден часот по полноќ по локално време, на длабочина од 40 километри, во западниот дел на префектурата Шизуока, приближно 200 километри западно од Токио, соопшти Јапонската метеоролошка агенција.

Локалниот весник „Чуничи Шимбун“ и ТВ „Токаи“ објавија дека најмалку 24 лица се повредени во префектурата Шизуока и во соседната префектура Аичи. Претставник на службите за итни случаи во префектурата Аичи изјави за АФП дека 16 лица претрпеле полесни повреди.

Во префектурата Шизуока, пријавени се три повреди, меѓу кои и случајот на 90-годишна жена која паднала од креветот.

Материјална штета, како што се искршени излози, е забележана во неколку погодени градови, а утринава имаше и прекини во железничкиот транспорт, вклучувајќи ја и мрежата на брзи возови Шинкансен.

Бидејќи се наоѓа на раскрсницата на четири главни тектонски плочи, Јапонија секоја година бележи околу 18 отсто од сите земјотреси во светот.

Иако огромното мнозинство од овие земјотреси не предизвикуваат големи штети, земјата сè уште се сеќава на земјотресот со јачина од 9 степени и цунамито од 11 март 2011 година, во кои загинаа или исчезнаа околу 18.500 луѓе, а кои исто така доведоа до катастрофа во нуклеарната централа Фукушима.