Земјоделците збунети и револтирани од новите програми за субвенции
Власта најавува лов на лажни земјоделци. Но дали со новите правила ќе ги избрка од земјоделството малите земјоделци
БИТОЛА – Новата програма за финансиска поддршка на земјоделието за 2026 година силно ги разбранува земјоделците. Новите правила колку треба да е минималната површина за производство и кои се условите еден земјоделец да добие поддршка во субвенции од државата најпрво ги збуни, па ги разочара земјоделците. Ова ќе биде силен удар за поситните земјоделски производители кои без субвенции ќе ги остават угар нивите, ќе ги испустат овоштарниците.
Власта пак, најавува справување со „ловци“ на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на државната помош.
На пример, со новата програма минималната површина за полјоделски култури порано беше 0,5 ха (збирно) – сега е 0,7 ха (збирно). За лозови и овошни насади минималната површина беше 0,2 ха – сега е 0,5 ха како услов за добивање субвенции. Производителите на овошни и лозови насади (грозје, јаболко,слива цреша, праска, кајсија, круша, вишна, калинка и јапонско јаболко) се обврзани да предадат 30% од производството за да добијат субвенции. Висината на директни плаќања кај полјоделските култури е условена со минимални просечни приноси и тоа: 3.000 кг/ха за пченица и јачмен, 1.500 кг./ха за сончоглед, 2.000 кг/ха за маслодајна репка и 300 кг/ха за афион. Сите овие земјоделски производители мора производството да го продадат или складираат во период од 1 јуни до 15 октомври 2026 година, како услов за да земат субвенции од државата.
Во истовреме од 2026 година, исклучени од право на користење на субвенции се и полјоделците кои садат пченица без употреба на сертифицаран семенски материјал.
Ова за еден земјоделец подразбира – ако не докажеш принос што е пропишан како минимален – нема субвенции!
Земјоделците револтирано укажуваат дека „додека се ограничуваат правата на малите земјоделци (исклучени од субвенции сите овоштари и лозари помеѓу 0,2 ха и 0,5 ха) веќе втора година по ред максималниот износ за субвенции по корисник се зголемени од 500.000 евра на 1 милион евра.“
Ова значи дека за крупните земјоделци се зголемува максимумот што можат да го добијат по основ на субвенции. Односно за 2025 и 2026 година се покачува сумата од максимално 30.000.000 денари на 60.000.000 денари.
Владата објави дека средствата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година е во вкупен износ од 6 милијарди денари, обезбедени согласно Буџетот на државата за годинава.
По ова кај земјоделеците надвиснаа прашања, ќе успеат ли да ги исполнат условите, ќе земат ли субвенции за годинава или ќе се снаоѓаат како знаат и умеат да го продадат родат или во најлош случај да ги наполнат ендеците со скапани овошки и зеленчуци, количини кои нема да успеат самите да ги продадат на пазарите?
„Дали за првпат за одржување на овошни насади, субвенциите по површина се условени со продажба од 30 проценти во регистриран откупен пункт, или лошо разбравме? Конкретно, откуп на слива има на две до три години еднаш како што треба. Што ако нема откуп или ако регистрираните откупувачи ни дадат цена како што знаат што не ни ги покрива ни трошоците? Нели требаше да биде по површина? Колку производители ќе ги оставите без субвенции? Колку земјоделци ќе ги напуштат насадите?“, реагира овоштарот Ѓорги.
Земјоделецот Гоце Настевски вели: „Мора барем да ја намалите за 50% потребната минимум површина за пријавување во овоштарството во подрачјата со ограничени можности како што беше досега, со што потребната површина би била 0,25 ха што сепак е зголемување за 150% отколку досега. А намалување сепак има бидејќи ги укинавте 2 денари за предадено јаболко, а кај сите други овошја ги оставивте!“
Пано Аргиев е регистриран земјоделец и вели дека живее од парите од земјоделието, но наведува дека државата му должи пари за неисплатени субвенции по неколку основи, па критикува дека тое не е грижа за вистинските земјоделци.
„Моментално државата за неисплатени субвенции ми должи за 2024 за органско производство, за 2025 за лозјето. Иако кажаа дека се исплатени лозарите кај мене нема пари. За овоштарникот ќе почекаме. За регистриран земјоделец две години немаат исплатено субвенции. Данокот кој треба да ни го вратат за две години не ни е платен. Вака ли се грижи министерот за вистинските земјоделци?,“ коментира Агиев.
Ристо Атанасов пак смета дека за да има правичност во исплатата „субвенциите треба да се исплаќаат на предадена стока на кантарна белешка, е тогаш субвенциите ќе одат кај вистинските земјоделци, сѐ друго е ветер и магла“.
Во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година стои и дека за мерката за основната поддршка на доходот на земјоделски стопанства изнесува 770.000.000 денари. Мерките за директни плаќања по единица производ (по килограм, по литар, по грло, по пиле, по бројлер, по несилка, по растение) во растителното и сточарското производство изнесуваат 2 милијарди денари. Годинава по основ на заостанати субвенции за изминатите 5 година од 2020 до 2025 година се предвидени 2,6 милијарди денари.
Министерот за земјоделие Цветан Трипуновски на реакциите од земјоделците вели дека нема кратење на субвенциите, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство.
„Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ‘ловци’ на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина“, вели Трипуновски.