Земјите од ОПЕК и Русија дополнително го намалуваат производството на нафта од мај


Земјите од ОПЕК и Русија дополнително го намалуваат производството на нафта од мај. Таа неочекувана одлука ги запали светските берзи – цената на барелот за еден ден се зголеми за осум отсто и достигна до 86 долари. Постојат стравувања од глобално нарушување на снабдувањето и дополнително зголемување на цените.

ОПЕК заедно со Русија веќе го намали производството за два милиони барели дневно до крајот на годината и дополнително ќе го намали за повеќе од еден милион, од кои 500.000 барели ги намалува Русија. Експертите оценуваат – избрзаниот потег на нафтениот картел е загрижувачки, бидејќи таквите одлуки сега ги носеше со своите сојузници претпазливо, на однапред закажани состаноци, пренесе РТС.

„Тоа беше изненадување за сите. Зошто сега и зошто се случи толку брзо. Има две причини: финансиската и банкарската криза што започна во Соединетите Американски Држави и во Европа, а втората причина е повторното отворање на Кина. Тие веднаш реагираа без да го чекаат следниот состанок. Исто така, овој потег ги потсетува луѓето дека цените на нафтата на светскиот пазар ќе бидат управувани од ОПЕК и никој освен ОПЕК“, изјави Мохамед Али Јасин, експерт за пазари на капитал.

Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ, вели дека Русија се фокусира на одлуките што ги носат земјите производители на нафта. „Во интерес на светската енергија е да се одржат светските цени на нафтата. А ако другите земји се задоволни или незадоволни од тоа – тоа е нивна работа“, рече Песков.

Земјите веќе ги анализираат економските последици од намалувањето на производството што може брзо да го зголеми јазот меѓу понудата и побарувачката и да ја зголеми цената на црното злато до 100 долари.

„Владата ќе ја зајакне координацијата со Меѓународната агенција за енергетика и другите големи потрошувачи на нафта, со цел да ги поттикне производителите на дијалог. Правиме напори да го стабилизираме глобалниот пазар на нафта преку зголемено производство и инвестиции во производствен капацитет“, рече Мацуно Хироказу, секретар на Владата на Јапонија.

И додека нестабилноста на пазарот на нафта во повеќето земји е главниот двигател на инфлацијата, нафтата е клучен сојузник на големите сили.

– Цените на нафтата се многу важна компонента на посебните односи меѓу Кина и Русија. Кина е најголемиот увозник во светот и за неколку години ќе биде најголем потрошувач на нафта. Така, Кина и Русија се заштитени. И морам да додадам дека Индија е исто така голема поддршка на тој фронт“, вели Џон Дрискол, директор на консултантски услуги за енергија.

Поради геополитичките тензии, се почести се предлозите Кина и другите азиски земји да се договорат за плаќање нафта во јуани наместо во долари. Исто така, ќе се отвори паралелен систем за меѓународни плаќања, во кој кинеската валута е ривал на американскиот долар.