Земјите кандидати може да добијат еврокомесар и пред формалното членство во ЕУ

Новиот комесар би можел да учествува во дискусиите на состаноците на Колегиумот на комесари и да помогне во обликувањето на законодавството на ЕУ


Урсула фон дер Лајен и Еди Рама во Тирана

 

Земји како Црна Гора и Албанија би можеле да испратат комесар во Брисел пред формално да се приклучат кон ЕУ, според новите планови што ги разгледува Европската комисија. Високи претставници на ЕУ размислуваат за зголемување на степенот на вклученост на новите членки во текот на последната фаза од нивниот пат кон блокот, според нацрт-документите до кои дојде бриселски „Rapporteur“ (поранешен „Еурактив“).

Идејата предвидува поголема вклученост на земјите-кандидати откако ќе го потпишат договорот за пристапување, но пред сите 27 земји на ЕУ да ја завршат националната ратификација – процес што може да трае со години.

„Сега, кога политичките ветрови низ Европа се менуваат, сосема е разумно да се очекува дека овој период ќе биде подолг“, изјави Стивен Блокманс, заменик-директор на Меѓународниот центар за одбрана и безбедност во Талин.

„Целата идеја е да се продолжи тој период, кој во претходните кругови на проширување беше прилично лимитиран.“

Документите сугерираат дека новиот комесар би можел да учествува во дискусиите на состаноците на Колегиумот на комесари и да помогне во обликувањето на законодавството на ЕУ – право што досега беше резервирано за претставници од земјите-членки.

„Комисијата смета дека е соодветно да се испита дали земјата што пристапува би можела да назначи комесар и во текот на овој период“, се наведува во еден внатрешен документ на Комисијата.

„Таков комесар би можел да учествува во работата на Колегиумот по релевантни прашања, притоа целосно зачувувајќи ја автономијата, колегијалноста и колективната одговорност на Колегиумот“, се додава во документот.

Преземањето на функцијата комесар во зградата „Берлемонт“ пред земјата формално да се приклучи кон ЕУ би претставувало историски преседан.Како и во претходните кругови на проширување, откако земјата-кандидат ќе го потпише договорот за пристапување, таа би можела да испрати и набљудувачи во Европскиот парламент.

Комисијата исто така размислува да им овозможи на земјите-кандидати одреден степен на институционална вклученост во порана фаза, откако формално ќе завршат преговорите за пристапување. Во таа фаза, земјите би можеле да испратат набљудувачи – потенцијално и своите национални лидери – во највисокото политичко тело за носење одлуки во ЕУ, Европскиот совет. 

Комисијата треба да им понуди на земјите-кандидатки прогресивно подлабока интеграција во единствениот пазар додека ги спроведуваат домашните реформи потребни за пристапување. Кандидатите постепено ќе бидат вклучени во низа програми и шеми на ЕУ, вклучувајќи ја Единствената зона за плаќања во евра, истражувачката програма Хоризонт, трговијата со емисии, дигиталните јавни услуги, иницијативите за сајбер безбедност и IPCEI – проекти поддржани од ЕУ, дизајнирани да поддржат големи стратешки инвестиции во области како што се технологијата и енергетиката.

„Безбедноста и одбраната треба да бидат меѓу првите приоритети за подлабока постепена интеграција“, се вели во документ на Комисијата.