Зеленски побара поддршка од уметниците на Берлинaле


Германија- Украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на видео обраќањето синоќа на отворањето на 73. Меѓународен филмски фестивал во Берлин побара од уметниците и филмаџиите недвосмислено да ја изразат својата поддршка за неговата земја, пренесува агенцијата АП.

Осврнувајќи се на Берлинскиот ѕид што го подели германскиот главен град од 1961 до 1989 година на капиталистички запад и комунистички исток, Зеленски рече дека сега Русија, која ја нападна Украина пред речиси една година, гради нов „фигуративен“ ѕид во неговата земја.
„Ова е ѕид меѓу слободата и ропството“, рече Зеленски и додаде дека светот на уметноста не може да остане рамнодушен бидејќи среде тишината „гласот на злото станува само погласен и поубедлив“.

Кристен Стјуарт во „Шанел“

Зеленски, поранешен комичар и актер, истакнато се појавува во воениот филм на Шон Пен за Украина „Супермоќ“, кој ќе ја има својата светска премиера  вечерва на Берлинале.

Пред свеченото отворање, американската актерка Ен Хатавеј го пофали украинскиот претседател како „херој на нашето време“ и му се заблагодари на фестивалот што го покани преку видео врска, пренесе германската новинска агенција ДПА.

Германската министерка за култура Клаудија Рот исто така ја истакна важноста на културата во време на војна и криза. „Кој прави филмови и кој прикажува филмови во мрачни времиња, се спротивставува на ропството“, рече министерот.

На овогодинешниот филмски фестивал, кој ќе трае до 26 февруари, за Златна и Сребрена мечка ќе се натпреваруваат 19 филмови. Победниците ќе ги избира жирито на чело со американската актерка, сценарист и режисерка Кристен Стјуарт.

Ен Хатавеј во „Валентино“

Фестивалот беше отворен со премиерата на „Таа дојде кај мене“ на Ребека Милер, со Ен Хатавеј, Мариса Томеи и Питер Динклиџ во главните улоги.

 

Покрај познатите филмски личности во публиката на Берлинале присуствуваше и германскиот државен врв. Меѓу нив германскиот заменик-канцелар Роберт Хабек, министерот за храна и земјоделство Џем Оздемир, министерката за семејство Лиза Паус, како и градоначалничката на Берлин, Франциска Гифи. Олексиј Макеев, амбасадорот на Украина во Германија, исто така, беше на отварањето.