Зеленски се корегира: Руските сили немаат целосна контрола врз Бахмут
Источниот украински град Бахмут не е под целосна контрола на руските сили, според украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој се обрати по Самитот на Г7 во јапонскиот град Хирошима, јави ДПА.
„Бахмут не е окупиран од Русија денес“, рече тој, појаснувајќи ги претходните коментари кои го оставија статусот на градот нејасен, по неколкумесечни борби и денови на спротивставени тврдења.
Претходните изјави на украинскиот лидер дојдоа за време на билатералната средба со американскиот претседател Џо Бајден на маргините на самитот. Прашувајќи го дали Бахмут сè уште е во рацете на Украина, новинарот додаде дека Москва тврди дека го зазела Бахмут. „Мислам дека не“, рече тогаш Зеленски.
И Киев побрза да ја разјасни ситуацијата. Коментарите на Зеленски беа погрешно разбрани, напиша претходно на Фејсбук неговиот портпарол Серхи Никифоров.
Тој рече дека првичниот одговор на Зеленски, „Мислам дека не“, бил даден како одговор на изјавата на новинарот дека Русите тврдат дека имаат контрола врз градот.
Зеленски, исто така, рече дека Бахмут е речиси целосно уништен, без згради „и со многу мртви Руси“.
Зеленски нешто претходно предложи одржување на меѓународен форум во јули кој ќе биде посветен на украинската формула за мир.
„За кратко време, веќе во јули, војната ќе влезе во 500-от ден. Тоа е симболичен временски период, добар месец за свикување на Самит на Формула за мир, самит на глобалното мнозинство. Самит на сите кои поддржуваат чесност и се одлучни за приведување на оваа војна кон крај. Ве повикувам да с епридружите на заедничките напори“, рече Зеленски во обраќањето на работниот состанок на самитот на Г7.
„Ќе се браните ако ви е провален домот, ако непријателот во дојде на врата и ги депортира вашите деца. Нема да се предадете на колонизатори, би го обединиле целиот свет, ќе се борите, како што се бориме ние“, истакна Зеленски.