Зеленски бара разрешување на Резников од функцијата министер за одбрана на Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата изјави дека одлучил да го разреши министерот за одбрана Олексеј Резников и да побара од парламентот да го замени оваа недела со Рустем Умеров, шеф на најважниот украински фонд за приватизација.


 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го разреши министерот за одбрана Олексеј Резников и ќе побара од парламентот да го замени со Рустем Умеров, шеф на најважниот украински приватизациски фонд, пренесоа вечерва новинските агенции.

Најавата за разрешување што ја објави Зеленски во своето ноќно видео обраќање до нацијата може да го потресе украинскиот одбранбен естаблишмент, најсериозно од почетокот на руската инвазија.

Резников, кој беше назначен за министер за одбрана во ноември 2021 година, помогна да се обезбедат милијарди долари западна воена помош за воени цели, но неговото министерство беше оптоварено со обвинувања за корупција, кои тој ги опиша како клевета.

„Решив да го разрешам министерот за одбрана на Украина. Олексеј Резников помина низ повеќе од 550 дена војна“, рече Зеленски.

„Верувам дека на министерството му требаат нови пристапи и други формати на интеракција со армијата и општеството во целина“, рече тој.

Промената на министерот за одбрана мора да биде одобрена од парламентот, но одлуката најверојатно ќе ја поддржат мнозинството претставници на Врховната Рада. Зеленски рече дека очекува парламентот да го одобри назначувањето на Умеров.

Умеров, 41-годишен поранешен адвокат и кримски Татар, го води Фондот за државна сопственост на Украина од септември 2022 година и одигра чувствителна улога во воените преговори како што е Црноморскиот договор за жито.