Зеленски ги брани нападите врз руски бродови надвор од воената зона


Украина ги координира нападите врз руските бродови во други делови од светот со засегнатите земји, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинските сили не извршија никаков напад без координација со партнерите, рече тој во интервју за Би-би-си.

Украина неодамна го нападна рускиот воен брод „Меркури“ во либиското пристаниште Бенгази со поморски беспилотни летала, што го покрена прашањето за почитување на меѓународното право.

Италија го критикуваше нападот како кршење на суверенитетот на северноафриканската земја ослабена од граѓанската војна.

Меѓутоа, Зеленски ги оправдува операциите надвор од борбената зона, велејќи дека „Меркури“ е „апсолутно легитимен избор“. 

Според него, Украина не може да им дозволи на руските бродови да извршуваат напади или да транспортираат оружје.

Зеленски ја обвини Русија дека се обидува да ја подели земјата со гаѓање на мостови на реката Днепар. 

„Ќе го браниме нашиот главен град со сите средства. Нема држава без главен град“, рече Зеленски.