Потпретседателката на Филипините изјави дека нема намера да поднесе оставка и покрај процесот на импичмент против неа
Филипинската потпретседателка Сара Дутерте изјави дека нема намера да поднесе оставка и покрај истрагата за импичмент за нејзиното наводно акумулирање богатство. Дутерте, ќерка на поранешниот претседател Родриго Дутерте, води во анкетите за јавното мислење за претседателските избори во 2028 година.
„Оставката не доаѓа предвид“, изјави таа на годишниот брифинг за медиумите.
„Не можам да го направам тоа бидејќи верувам дека тоа би било предавство кон 32,2 милиони луѓе кои гласаа за мене и кон пошироката јавност“, додаде таа.
Филипинските обвинители ги фокусираа обвиненијата за импичмент против Дутерте на едно обвинение за непријавено богатство, отфрлајќи ги другите три обвиненија.
Целта е судењето да се заврши до крајот на оваа година, пред вниманието на јавноста да се сврти кон претседателските избори во 2028 година. Дутерте негира какво било кривично дело и ја нарекува постапката политичко вознемирување.
Осудата би довела до нејзино отстранување од функцијата и доживотна забрана за вршење политичка функција, со што ќе завршат нејзините претседателски амбиции.
Сара Дутерте, исто така, рече дека не очекува нејзиниот татко, Родриго Дутерте, кој беше претседател од 2016 до 2022 година, да добие фер судење во Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг, кое започнува во понеделникот.
Тој е обвинет за злосторства против човештвото во врска со неговата шестгодишна војна против дрогата во која беа убиени илјадници луѓе, многумина во мистериозни околности.
Во врска со судењето за импичмент, Сара Дутерте рече дека се подготвува за најлошото сценарио и предупреди дека евентуалната пресуда ќе има „многу последици“.
Постапката за импичмент против неа претставува најсериозна ескалација во политичкиот конфликт меѓу семејството Дутерте и претседателот Фердинанд Маркос помладиот. Двајцата беа блиски сојузници и убедливо победија на изборите во 2022 година, на кои се кандидираа заеднички но нивниот однос оттогаш се влоши.