Почина Строуб Талбот, преговарачот на Клинтон за Русија, БиХ и Косово


Вашингтон – Почина Строуб Талбот (80), поранешен заменик-државен секретар на САД за време на претседателот Бил Клинтон, новинар и претседател на институтот „Брукингс“, кој имаше една од клучните улоги во процесот што доведе до потпишување на Дејтонскиот договор, како и во преговорите за Косово.

Тој почина по долго боледување во својот дом во Ист Хемптон, во сојузната држава Њујорк, соопшти неговото семејство.

Повеќе од две децении работеше во магазинот „Тајм“, најмногу како дописник од Москва, што му ги отвори вратите во светот на американската надворешна политика, откако Бил Клинтон го префрли во Стејт департментот веднаш штом влезе во Белата куќа во 1993 година, пренесе Радио-телевизија Србија (РТС).

Талбот беше противник на идејата на тогашниот државен секретар Ворен Кристофер за итен прием на Полска, Унгарија и Чешка во НАТО, тврдејќи дека таквото проширување на Алијансата би претставувало провокација за Русија. Тие три држави беа примени во НАТО во март 1999 година.

Клинтон тогаш ги прифати неговите аргументи, што доведе до судир со Кристофер, кој ескалираше кон крајот на 1993 година, откако се залагаше за смена на државниот секретар поради неуспехот на надворешната политика во ставањето крај на конфликтите во Босна и Херцеговина и во Сомалија. Талбот предлагаше Кристофер веднаш да биде заменет со Колин Пауел.

Клинтон не го стори тоа, но го смени заменикот-државен секретар Клифтон Вартон и на негово место го постави токму Талбот.

На таа функција одигра една од клучните улоги во процесот што доведе до потпишување на Дејтонскиот договор и на документите со кои беше дефинирана неговата примена, како што се Бонските овластувања на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ.

Заедно со Марти Ахтисари и Виктор Черномирдин беше дел од „тројката“ што требаше да го убеди тогашниот претседател на СР Југославија, Слободан Милошевиќ, да се согласи на завршување на судирот во Косово.

Заедно со финскиот и со рускиот дипломат, беше еден од архитектите на Кумановскиот договор и на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Веднаш потоа учествуваше во преговорите по кои руската единица, која на изненадување на НАТО влезе на приштинскиот аеродром пред Британците, стана дел од КФОР.

Никогаш не стана државен секретар, делумно поради фактот што конзервативците го обвинуваа дека со претерана наклонетост гледа на односите со Русија и оти неосновано го критикува Израел. Токму поради тоа, на местото државен секретар во 1997 година беше именувана Медлин Олбрајт.

Во текот на новинарската кариера ги преведе контроверзните тајни мемоари на Никита Хрушчов, кои поранешниот лидер на СССР ги напишал во домашен притвор. Москва во неколку наврати ја доведуваше во прашање автентичноста на таа книга, додека Талбот го нарекуваше агент на Централната разузнавачка агенција (ЦИА).

По Стејт департментот, беше претседател на институтот „Брукингс“.