ММФ даде зелено светло за поддршка на Македонија со 530 милиони евра

Помошта е преку Кредитната линија за претпазливост. По финалното одобрување на Бордот на ММФ на земјава веднаш ќе ѝ бидат ставени на располагање 110 милиони евра


Од Министерството за финансии велат дека ова е признание за успешните политики што ги води Владата

 

Македонија е на чекор да ја добие долгоочекуваната финансиска поддршка од Меѓународниот монетарен фонд. Како што соопшти Министерството за финансии, мисијата на ММФ „даде зелено светло за доделување 530 милиони евра на Република Северна Македонија преку Кредитната линија за претпазливост (The Precautionary and Liquidity Line – PLL) во рок од 24 месеци“.

„Ова е големо признание за економските политики кои се спроведуваат во земјава, бидејќи Фондот овој финансиски инструмент го наменува само за земји со здрави економски фундаменти и со здрави политики“, велат од Министерството во соопштение.

Од таму појаснуваат дека по финално одобрување на овој инструмент од страна на Бордот на ММФ, кое се очекува подоцна во текот на овој месец, на нашата земја веднаш ќе ѝ бидат ставени на располагање 110 милиони евра за финансирање на буџетските потреби и за полесно соочување со шоковите кои ги донесе енергетската и ценовната криза.

Инаку, оваа кредитна линија за прв пат беше спомената уште во април годинава, на пролетните состаноци на ММФ и Светска банка, кога министерот Фатмир Бесими најави дека Македонија добила препорака за пристап до кредитната линија за претпазливост и ликвидност на ММФ во износ од 900 милиони евра за две години со камата од 1 отсто.

Порано овој месец, пак, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека откако тимот од ММФ ја посетил Македонија во јули, после тоа немало ниту збор од Владата за заемот, што тие го протолкуваа како „потврда дека при последната мисија немало позитивни оцени и дека земјата има значителни ранливости во некои сегменти од политиките“.

Во меѓувреме, во очекување на заемот и откако се откажа од издавање еврообврзница поради неповолните движења на финансиските пазари и порастот на каматите, Владата издаде обврзница на германскиот пазар, позната како „Namensschuldverschreibungen“, односно НСВ (NSV), во износ од 250 милиони евра.

Ова беше неопходно заради отплата на стари долгови што доспеваат како и за финансирање буџетски потреби, беше образложено од Министерството за финансии. Каматната стапка за оваа обврзница изнесува 3,75 отсто плус 6-месечен ЕУРИБОР, со рок на отплата од 3 години и 18 месеци грејс период.

Премиерот Димитар Ковачевски, завчера најави дека земјава сепак ќе добие поддршка и од ММФ, посочувајќи дека Министерството за финанси ги финишира разговорите со ММФ на оваа тема.

Оваа најава дојде во исто време кога од Владата беа соопштени новите мерки за поддршка на ранливите категории граѓани поради енергетската криза. Ова беше и еден од условите на ММФ, натамошната помош да не биде линеарна туку строго таргетирана за ранливите категории граѓани.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, со мисијата на ММФ

Индикативно е исто така што веста за позитивен одговор за Кредитната линија за претпазливост од страна на мисијата на ММФ доаѓа откако Владата вчера објави дека ќе се намалуваат расходите за плати во јавниот сектор, како и дека ќе се донесат мерки за зголемување на буџетските приходи, односно ќе се проширува даночната основа, како дел од реформите во даночната сфера кои претстојат до крајот на годинава.  

Во денешното соопштение од Министерството за финансии се вели дека самата намена на инструментот е да пружи ликвидносна поддршка на здрави економии во време на шокови и кризи, каква што е тековната глобална ситуација.

„Во изјавата на мисијата на ММФ се дава признание и на заложбите на Владата за понатамошно спроведување на фискалната консолидација, како и реформите во јавните финансии, пред се новиот Закон за буџети и фискалните правила кои ќе придонесат во оваа насока“, стои во соопштението.

Пристапот до овој финансиски инструмент, испраќа силни сигнали од страна на ММФ за домашната економија на меѓународните пазари и инвеститори. Имено при одобрувањето, покрај позитивната оцена за економијата од последната мисија на Фондот во земјава, ММФ ги оценува и фискалната политика, монетарната политика, стабилноста и супервизијата на финансискиот сектор и соодветноста на податоците. Оваа линија значи доверба во економијата и политиките кои се спроведуваат во земјата, посочуваат од Министерството за финансии. (М.Ј.)