Зеленилото во Влае да остане


Од иницијативата „Борба за Влае“ сметаат дека на јавната презентација за ДУП за Градската четврт СЗ19 (Влае2) дел од постоечкото зеленило ќе го снема, а на негово место ќе никнат објекти.

„По одржаната јавна презентација на ДУП за Градска четврт СЗ19 (Влае 2) минатиот понеделник, сѐ повеќе жители на населбата реагираа на спорниот план и пројавија интерес за поднесување забелешки преку анкетни листови. Најспорни локации во планот се површини кои се моментално државно земјиште, а треба да бидат пренаменети во објекти за приватен интерес. Првата локација е парцелата спроти Кам Маркет која жителите со години очекуваат да се уреди како сквер/маалски парк, а во овој предлог ДУП е испланирана како станбена зграда. Поради тоа иницијативата Борба за Влае бара Општината Карпош да го пренамени во Д1-парковско зеленило, а не А2-домување во станбени згради како што сега планира. Другата спорна локација е самото искривување на ул. “Есперанто“ и дел од паркот Делфина. Со презентираниот предлог ДУП планирано е улицата Есперанто да добие права линија (зад Кино Влае, каде има повеќедецениски дрвја). Локацијата на Кино Влае (објектите и земјиштето) се веќе приватизирани и инвеститорот поседува околу 2.800 м2 земјиште. Меѓутоа, како тоа да не му е доволно, планерската куќа и општината му доделуваат во негова парцела дополнителни 1.600 м2 од моменталната улица Есперанто и од зеленилото, кои тој, ако овој ДУП се усвои, ќе може да си ги докупи, како во случајот кај Холидеј Ин. Борба за Влае бара проширување на паркот Делфина, а објектот на приватниот инвеститор да се планира согласно можностите на просторот“, велат од Иницијативата „Борба за Влае“.

„За разлика од случаите во Центар каде се дооформуваше државно земјиште, каде ДУПовите беа завршена работа, донесени од Совет и правно во сила, овој ДУП не е правно во сила, туку во процедура и има сѐ уште има можност да се промени. Токму затоа анкетните листови и гласот на жителите на Влае треба да бидат земени предвид“, додаваат тие.

„Со одземањето на постоечко зеленило покрај Вардар за изградба на градинка и паркинг, во паркот Делфина за изградба на црква и пред Порта Влае за паркинзи на нивоа, се поставува прашањето – дали ќе остане парче зелен простор во Влае 2? Губењето на зеленило е можеби оправдано за добивање на детска градинка, но во никој случај не е оправдано да се доделува на инвеститори за приватни интереси“ се прашуваат жителите на Влае 2.

„Со порастот на бројот на жители во Влае 2 до 24 илјади, како што се планирани со овој ДУП, јавни простори ќе ни бидат уште попотребни, а тие се намалуваат.“ – велат од Борба за Влае.

Планерката од Билд Урбан на самата јавна презентација изјави: „Сите живеете во град, ако не сакате да има улици и други содржини, не живејте во град“ но пропушти да каже дека со нивниот цртеж баш тие одземаат од улиците и содржините само за нечиј приватен интерес, а не работат за интересот на неколку илјади жители на Влае 2.

„Во наредната недела од иницијативата планираат да подготват готови забелешки кои граѓаните ќе можат во свое име да ги достават во Месната заедница од понеделник до петок од 7:30 до 15:00 часот, заклучно со 25.март 2022 година.

Борба за Влае се надеваат дека Анкетни листови ќе пополнуваат и жителите кои не се со адреса на живеење во Влае 2 бидејќи овој предлог ДУП дозволува градби кои ќе штетат на сите граѓани. не само на влаевчани“, велат од Иницијативата.