Зелената транзиција ќе креира над 4.100 работни места во Македонија до 2030 г. Како до квалитетни кадри
Во наредните шест години во земјите на Западен Балкан ќе се отворат од 27 до 30 илјади работни места во секторот на обновливи извори на енергија, покажува анализата на пазарот на трудот спроведена во Црна Гора, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово, а која што беше презентирана на конференцијата „EduEnergy 2.0: Кон обликување на иднината на транзицијата на обновливите извори на енергија во Западен Балкан“, што се одржа во Будва
Во земјите од Западен Балкан до 2030 година би можеле да се отворат од 27 до 30 илјади работни места во секторот на обновливи извори на енергија, при што најмногу кадри ќе бидат потребни во секторот на соларна енергија. Ако се вклучат, пак и индиректните работни места оваа бројка може да надмине 51 илјади нови вработувања. Паралелно со овој процес, преминот кон новите технологии и напушатењето на јагленот како енергент ќе доведе и до укинување на околу 41 илјади работни места кои што се поврзани со јагленокопите и со работењето на термоелектраните, покажува анализата на пазарот на трудот спроведена во Црна Гора, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово, а која што беше презентирана на конференцијата „EduEnergy 2.0: Кон обликување на иднината на транзицијата на обновливите извори на енергија во Западен Балкан“, што се одржа деновиве во Будва, Црна Гора.
Што се однесува до Македонија, процените се дека секторот обновливи извори на енергија во наредните седум години би можел да креира повеќе од 4.100 нови работни места. Најголемиот број би биле во делот на соларна енергија (во Македонија 2.998, а во сите земји на Западен Балкан 18.878), а нешто помалку во областа на хидро енергијата (во Македонија 680) и искористувањето на ветерот (во Македонија 484).
Клучниот предизвик за сите земји од регионот е како преку процесот на образование да се обезбедат доволно образувани и стручни кадри за новите професии во секторот на обновливи извори на енергија, но и преку преквалификација и доквалификација да се „спасат“ што повеќе луѓе на кои им се заканува губењето на постојните работни места во индустриите кои полека се напуштаат, како производство на енергија од фосилни горива, работа во јагленокопи и слично. Во овој процес на праведна транзиција исто така е важно и вклучувањето на жените и на другите ранливи групи на пазарот на трудот.
Зелената транзиција е поврзана со многу предизвици
„Резултатите од анализата на ефектот на пазарот на труд покажуваат дека потенцијалот за создавање работни места во секторот за обновливи извори на енергија ја надминува потенцијалната загуба на работни места во секторот за јаглен во Западен Балкан“, вели Ана-Марија Боромиса, истражувачки советник во Институтот за развој и меѓународни односи, Загреб, Хрватска, која ја презентира студијата на конференцијата „EduEnergy 2.0: Кон обликување на иднината на транзицијата на обновливите извори на енергија во Западен Балкан“.

Таа вели дека зелената транзиција е поврзана со значителни технички, политички, финансиски и социјални предизвици, па затоа редоследот на реформите и создавањето соодветни услови е од најголема важност. Остварувањето на амбициозните проекции зависи од остварување на целите за премин кон зелена енергија.
„Доколку се остварат целите, тогаш некои работници ќе може да се вработат на пазарот на трудот. Ако ги немаме тие работници, односно ако не се остварат целите, тие нема да може да се вработат, па повеќе пати ќе треба да правиме проекции“, вели таа.

Според податоците од студијата, во 2021 година во земјите од Западен Балкан во рудниците за ископување јаглен биле вработени вкупно околу 33.782 лица (во Македонија 2.980), додека во постројките за производство на енергија базирана на јагленот уште 7.728 лица (во Македонија 678 лица). Во истата година во секторот на обновливи извори на енергија биле вработени вкупно околу 13.888 лица (во Македонија 251 лице), при што треба да се има предвид дека најголем број отпаѓа на Албанија (12.703 лица), каде што практично целото производство на енергија доаѓа од хидропотенцијалот) додека за Косово нема податоци.
При проекциите за работни места во областа на обновливи извори на енергија авторите користеа три пристапи –регионалните односно ЕУ мултипликатори, пресметување на факторите за вработување по фази (инсталирање, производство и оперативно работење и одржување), како и директните и индиректните работни места.

„Првите груби процени се дека ќе се изгубат работни места кои што се базираат на јагленот, а ќе добиеме повеќе работни места во секторот на обновливи извори на енергија (РЕС)“, вели Боромиса, додавајќи дека потенцијална загуба е 41.510 работни места во секторите поврзани со јаглен во земјите од Западен Балкан, од што 33.700 работни места се во рударството, а 7.728 работни места во термоелектраните.
Како образованието и обуката можат да помогнат
Практично тоа значи дека во Македонија 0,5 отсто од работната сила ќе биде погодена од овие промени, што е нешто повеќе од Црна Гора, каде што тој процент изнесува 0,4 отсто, но помалку од Србија (0,6 отсто), а најмногу ќе бидат погодени вработените во Босна и Херцеговина (1,3 отсто) и во Косово (1,4 отсто). Или, во шесте земји од Западен Балкан ќе бидат загрозени вкупно 41.510 работни места во секторите поврзани со јаглен.
„Ова покажува дека влијанието ќе биде значајно. Треба да се има предвид и неактивното работно население кое зависи од овие вработени во енергетскиот сектор, ако се знае дека овој сектор се смета за релативно добро платен и дека е тоа постојано вработување до пензија, така што енергетската транзиција е голем предизвик“, вели таа.
Како образованието и обуката можат да одговорат на промените на пазарот на труд кои ќе бидат предизвикани од зелената транзиција и се поголемото воведување на обновливи извори на енергија, е прашањето за кое што дебатираа учесниците на Конференцијата посветена на „зелената иднина“ на Западен Балкан.
Најголем дел од новите работни места, дури 44 отсто, ќе биде во фазата производство на енергија, а 38 отсто во фазата на инсталирање на капацитетите и 18 отсто во одржување и работа.
Во однос на потребните вештини, во структурата најмногу се застапени работници и техничари, 76 отсто, потоа експерти 11 отсто, инженери и високо квалификувани работници 8 отсто и администрација 5 отсто.
Преминот кон зелена енергија и енергетската транзиција ќе бара и активно вклучување на образованието со цел луѓето да се обучат на новите вештини кои што се неопходни за обновливите извори на енергија, како и преобука и доквалификација на оние кои што веќе се во секторот енергетика, а чии работни места, за жал се во опасност да бидат укинати, односно заменети со нови.
Во фокусот на конференцијата беше поттикнувањето дијалог за еволутивната улога на образовниот сектор во контекст на транзицијата на регионот кон обновливи извори на енергија, односно како сегашните и идните трендови на пазарот на трудот се вкрстуваат со социјалната одржливост, економската вклученост и родовата еднаквост.
Обезбедување можности за сите
Клучна цел беше насочена кон идниот пазар на трудот и образовните трендови кои гарантираат дека зелената економија не само што ги промовира еколошките цели, туку и обезбедува можности за сите, особено со решавање на бариерите за учество на жените во областите на науката, технологијата, инженерството и математиката (STEM).
Како што посочи Боромиса, управувањето со промените секогаш е тешко, особено ако се има предвид дека БДП во земјите од регионот е само околу 50 отсто од просекот во ЕУ, а со ова темпо на раст би биле потребни дури 70 години да се достигне просечниот стандард во ЕУ. Тука се и ниската продуктивност, стареење на населението, политичката стабилност и деловната клима.

„Ова се прашања со кои што треба да се позанимаваме како итни, со оглед на недоволниот развој не само на енергетскиот сектор, туку и структурата, геополитичките околности, климатските промени и тн“, вели таа додавајќи дека сето ова води до вештините на работната сила која е неопходна за да бидеме конкурентни и да имаме на располагање адекватна технологија за да го достигнеме нивото на другите земји.
Тука е одливот на мозоци кој е многу висок, потоа високата невработеност кај младите и бројот на млади кои што не се ниту во процесот на образование, ниту во процес на обука, а не се ниту вработени, како и големата разлика меѓу мажите и жените, односно родниот јаз, што значи дека жените доколку исполнат одредени услови би можеле да се активираат на пазарот на трудот. Но, тука има дополнителен предизвик – бројот на студенти во СТЕМ областите опаѓа во однос на вкупниот број студенти.
Конференцијата, на која што имаше околу 100 учесници од целиот регион, ја организираше Иницијативата за реформи во образованието на Југоисточна Европа – ERI SEE во соработка со Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit – GIZ во рамките на делокруг на проектот RESET за услуги за обновлива енергија во образованието и обуката. Проектот RESET го спроведува ERI SEE како дел од поголем регионален проект предводен од GIZ: Зелена агенда: Декарбонизација на електроенергетскиот сектор во регионот на Западен Балкан. Проектите се нарачани од германското федерално министерство за економска соработка и развој – BMZ. На неа учествуваа претставници на образовниот сектор од регионот – министерствата за образование, енергетика, државните агенции за стручно образование и квалификации, стопанските комори, работодавачите и училиштата.
Во воведното обраќање, Николас Хегер, проект менаџер во ГИЗ, нагласи дека преку проектот Зелена агенда, ГИЗ ја истражува човечката димензија на енергетската транзиција.
„Би сакале да го разбереме влијанието на енергетската транзиција со масивните инфраструктурни инвестиции во мрежите за обновливи извори на пазарот на трудот или врз ранливите групи“, рече тој додавајќи дека недостигот од квалификувани работници не е видлив само на градилиштата, туку и во организациите од енергетскиот сектор, како што се операторите на мрежата или регулаторите.
Кога се работи со технологии за обновливи извори на енергија, како што се сложени ИТ системи или планирање на електричната мрежа, од клучно значење е да се привлечат висококвалификувани професионалци, смета Хегер.
„Би сакале да инспирираме професионалци од секаков вид за кариера во енергетиката и да бидеме дел од зелената иднина на регионот на Западен Балкан“, истакна Хегер.
Енергетската транзиција е неминовен процес за сите земји до Западен Балкан, за што се преземени и обврски за премин кон обновливи избори на енергија во рамки на Договорот за енергетска заедница, Софиската декларација од 2020 година, но и поради заложбите за чиста и здрава животна средина.
Разлики во определување на квалификациите
Еден од предизвиците кои што беше посочен на конференцијата беше тоа што во шесте земји на Западен Балкан има прилично големи разлики како секоја земја одделно ги определува квалификациите за одделни занимања. Според Ивана Живадиновиќ од ЕРИ СЕЕ, резултатите од образовното мапирање во земјите од регионот укажува на значителен напредок во ажурирањето на стандардите за квалификација во електричниот и механичкиот сектор за поддршка на транзицијата на обновливите извори на енергија. Поточно, меѓу една петтина и една половина од квалификациите во овие сектори сега ги инкорпорираат обновливите извори на енергија (ОИЕ) како фокус.
„Идните случувања во образовниот сектор се очекува да се концентрираат на создавање нови, иновативни и мултидисциплинарни квалификации, заедно со помошни образовни материјали и на национално и на регионално ниво. Од овие квалификации се очекува не само да обезбедат современа професионална содржина, туку и да поттикнат праведна транзиција преку решавање на социјалните димензии на образованието. Акцентот треба да се стави на развивање материјали усогласени со принципите на социјална одржливост, дигитализација и родова еднаквост“, истакна Живадиновиќ.
Во процесот на бирање соодветна професија и занимање, многу е важен пристапот кон младите, особено тинејџерите кои често не се доволно зрели да донесат толку важна одлука која во значајна мера ќе им ја определи иднината.
За ваквите предизвици, како и за хрватските искуства зборуваше проф. д-р Тони Бабаровиќ од Институтот за општествени науки „Иво Пилар“, кој се осврна на сложеноста на раното донесување одлуки за кариера во адолесценцијата, што е попречено од фактори како неразвиените професионални интереси, ограничената зрелост во кариерата и различните лични и социјални фактори кои влијаат на процесот.

„Од децата се бара да донесат одлука за својата кариера иако не се подготвени за тоа“, вели д-р Бабаровиќ, укажувајќи дека на оние кои ќе се определат за средно стручно образованите, не им е лесно потоа евентуално да ја променат патеката на сопствениот кариерен развој.
Наодите од истражувањето покажуваат ниска усогласеност меѓу интересите на учениците и стручните програми на кои тие се запишуваат, што често доведува до намален ангажман во училиштето, послаби академски перформанси и понеповолни исходи во кариерата. Тој, исто така, го истакна влијанието на родовите стереотипи, особено при изборот на СТЕМ образовните полиња и се заложи за стратегии за надминување на овие предрасуди преку формално и неформално образование.
Кариерниот развој во Хрватска
За да се надминат овие предизвици, во Хрватска има развиено повеќе онлајн алатки и работилници кои се поддршка на учениците од основните и средните училишта во нивниот развој во кариерата и донесување одлуки кои се достапни бесплатно за сите заинтересирани.
„Овие алатки за кариерно насочување се достапни за секого и може да се приспособат или независно да се развијат за употреба низ земјите од Западен Балкан“, вели д-р Бабаровиќ.
Според Тина Шариќ, директорка на ЕРИ СЕЕ клучно е дека на овој пат образованието е поддржано од бизниси кои би понудиле повеќе практични искуства и обуки за студентите и учениците во текот на нивниот образовен период, а во исто време образованието создава можности за брз одговор на деловните потреби преку пофлексибилни видови на учење. „Каналите за комуникација меѓу двете – образованието и бизнисот – треба да бидат отворени и активни цело време“, истакна таа во дел од заклучните забелешки на конференцијата.
Шариќ вели дека постои јасно разбирање помеѓу образованието и бизнисите дека има потреба од нови образовни програми кои ќе ги задоволат новите потреби на пазарот на трудот, за што веќе се преземаат чекори од страна на образовниот сектор и се планираат натамошни активности.
Енергетската транзиција со себе носи многу социо-економски промени, при што е најважно да се заштитат правата на ранливите и маргинализираните заедници од неповолни влијанија како што е губењето на работните места, раселување, економска несигурност и енергетска сиромаштија.
Поттикнување инклузивна енергетска транзиција
Овие прашања се дел и од брифот за политики „Обраќање на ранливите групи во енергетската транзиција со фокус на работниците во секторот за јаглен и жените во Западен Балкан“, каде што се испитуваат социо-економските предизвици со кои се соочуваат работниците во секторот јаглен, жените и другите ранливи групи додека Западен Балкан се движи кон транзицијата кон обновлива енергија. Брифот нуди акциски препораки за поттикнување инклузивна транзиција, усогласена со меѓународните и регионалните стандарди, а истовремено промовирајќи ја родовата еднаквост и правичниот пристап до нови зелени работни места и енергетски ресурси низ целиот регион.
Оттаму, една од завршните поенти е дека кога станува збор за ваков голем пресврт, како што е зелената транзиција, потребно е вклучување на сите сегменти од општеството, како носителите на одлуки при гласање и предлагање закони и стратегии насочени кон обновливите извори на енергија и соодветни механизми за нивно имплементирање; потоа невладините организации кога лобираат за оптимални решенија и укажуваат на потенцијални проблеми; интелектуалци за посочување на ефектите од различните извори на енергија и изнаоѓање нови, уште подобри и поодржливи решенија; образовниот сектор во создавањето на нова генерација млади луѓе кои се свесни за новите извори на енергија и се подготвени да изберат професии кои ги промовираат; како и во поддршката на возрасната популација во надградбата на нивните вештини за да можат да одговорат на новите потреби на пазарот на трудот.