Зелен хуман град предлага 15 мерки за намалување на аерозагадувањето


Фото: Б. Грданоски

Граѓанска иницијатива „Зелен хуман град” предлага шест мерки кои треба веднаш да се спроведат и девет кои треба да се реализираат во наредните три години со цел намалување на аерозагадувањето во Скопје.

Со овие мерки предложени до Советот на Скопје, како што посочуваат од „Зелен хуман град”, се заокружува логична целина и тие водат кон една иста цел – одржлив развој на градот.

Предложени се мерки за третман на отпадот според концептот „нула отпад”, мерки за сообраќај според превртена сообраќајна пирамида каде што се дава приоритет на најранливите учесници во сообраќајот, мерки за обезбедување енергетска независност на Град Скопје и неговите жители кои воедно се и механизам за борба против енергетската сиромаштија, како и мерки поврзани со точно лоцирање на изворите на загадување во реално време и инспекциски надзор за контрола на загадувачите.

– Оваа листа на мерки ја пративме до сите советници на Град Скопје и до градоначалничката. Целта на ЗХГ е сите заеднички да изградиме консензус по прашањето и како локална самоуправа да спроведуваме активности кои се комплементарни, логични и се темелат на најновите научни сознанија, анализи и мерења. Само така можеме да придонесеме за почист воздух во Скопје. Преголема е цената во човечки животи што ја плаќаме, за загадувањето да продолжи да биде злоупотребувано за меѓупартиски пресметки. Сите го дишеме истиот воздух! Затоа, решенијата мора да ги носиме заедно и тие мора да се засноваат на наука, факти и непобитни докази, се наведува ви соопштението од „Зелен хуман град”.