„Зебрите“ навечер се бојат, дење не се гледаат


Фото: Б. Грданоски

 

Извалкани, избледени, избришани или непостојни, пешачките премини во Скопје ја зголемуваат опасноста за пешаците што преминуваат улици и булевари.Само во вчерашниот полициски билтен стои дека се санкционирани тројца пешаци поради поминување коловоз вон пешачки премин. Непостоењето култура за преминување на улица дополнително ги загрозува животите на граѓаните. Санкционирани се пет возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, пет возачи поради недавање првенство на минување на пешаци и двајца возачи поради неправилно престигнување, стои во билтенот на МВР. Ваквото однесување на сите учесници во сообраќајот, комбинирано со несоодветни пешачки премини, доведува до статистичка бројка од 30 до 35 настрадани пешаци годишно, од кои најголемиот број во главниот град.Според Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), како на глобално ниво, така и во Македонија, околу 25 отсто од вкупниот број загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди се пешаци.

Деновиве, речиси секојдневно стигнуваа соопштенија од Град Скопје дека се обележуваат новореконструираните булевари, што најчесто се врши во ноќните часови.

– Бележењето на коловозите и на пешачките премини се одвива во континуитет на сите сообраќајници што се во надлежност на градот Скопје. Сите работи ги извршува јавното претпријатие „Улици и патишта“, во согласност со програма за одржување, проектирање и изведба на светлосна, хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација на подрачјето на Скопје, донесена од страна на Советот на Град Скопје. Вкупната површина на коловозите која влегува во програмата за 2019 година е на 45.000 квадратни метри – велат од градот Скопје.

Јавното претпријатие „Улици и патишта“ е задолжено за одржување на сообраќајната сигнализација на главните улици. Новитет во оваа година е што користат материјали со зголемен квалитет во однос на трајност и пролизгување, а исто така и тоа што за прв пат се користи ладна пластика во Град Скопје, што има трајност од минимум две години во однос на постојната боја за патишта.

– Тоа е нешто што сите во Европа го користат повеќе години, а ние за прв пат започнавме од оваа година – додаваат од „Улици и патишта“, а напоменуваат дека се единствени на ниво на државата што имаат обучен кадар и сопствена машина за имплементација на бојата.Сметаат дека за брзо време граѓаните ќе видат бенефит од новата технологија и ќе има позитивни коментари.Од таму потенцираат дека тоа што бојата на пешачките премини темнее е резултат на неодржување хигиена на улиците.

– За секогаш да е целосно видлива хоризонталната сигнализација, потребно е хигиената да се подигне на повисоко ниво, а исто така е потребно и редовно миење на улиците во Градот. Само на тој начин ќе го добиеме тоа што го посакуваме сите – велат од „Улици и патишта“.

На крстосницата кај „Нова Македонија“ само една недела откако пешачките премини беа обновени, една до две ленти не беа видливи. Иста е состојбата и со крстосниците кај Соборниот храм, како и кај зградата на Владата, што е централно подрачје на градот. Ништо подобра не е состојбата и на другите крстосници на булеварите во Скопје, а уште позагрижувачка е ситуацијата по помалите улички, каде што пешачките премини одамна не се обновени.

Наспроти сите сообраќајни правила и прописи и добри практики, голем дел од пешаците се однесуваат крајно неодговорно и на тој начин ги загрозуваат сопствениот живот и безбедното одвивање на сообраќајот. Секојдневните примери покажуваат дека пешаците ја поминуваат улица на црвен семафор, надвор од пешачки премин без да погледнат лево и десно, се движат помеѓу двете коловозни ленти, го пресекуваат текот на сообраќајот кога и каде ним им одговара, непотребно се задржуваат на коловозот, користат мобилни телефони, слушаат музика и не ги следат сообраќајот и случувањата во сообраќајот итн.

Билјана Богдановска