Здружението на судии бара брзо решавање на случајот со судијата Беџети
Ставањето на црната листа на САД, на кој било судија е сериозен удар за честа и угледот на конкретниот функционер на судската власт, истакнува денеска Здружението на судии во врска со последните имиња кои беа објавени на црната листа на САД, меѓу кои е и апелацискиот судија Енвер Беџети.
„Имајќи го предвид значењето на етичкото однесување и интегритет на судиите кое треба да биде неприкосновено и во согласност, пред сѐ со Уставот и законите на нашата земја, но и согласно меѓународните закони и препораките на Европската унија и Соединетите Американски Држави како наши стратешки партнери, Здружението повикува на брзо решавање на случајот, пред сѐ заради зачувување на независноста и интегритетот на судската фела во земјата“, се наведува во соопштението на Здружението.
Стејт департментот на САД вчера соопшти дека воведува санкции против поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција. Беџети го чуваше предметот за Сашо Мијалков во процесот за прислушување „Таргет-Тврдина“ девет месеци во фиока за да застари.