Здравствените благодети на маслиновото масло

Здравствените благодети на маслиновото масло се неброени и секојдневно се откриваат нови лековити својства, од коишто можеме да разбереме како да си го подобриме здравјето и својот живот. Сите се согласуваат дека маслиновото масло е исклучително здраво, особено таканареченото екстра девствено и постојат многу научни истражувања кои го потврдуваат тоа. Всушност, не смееме да ги занемариме неговите лековити својства и би требало да го користиме што е можно повеќе во изработката на различни видови на храна.
Екстра девственото ладно цедено масло е со најголем квалитет и е добиено преку екстракција на маслинките без користење на хемикалии или топлина. Маслинките се плод што се добива од маслиновото дрво, најмногу од Медитеранот. Овој вид масло е користено од човекот низ милениумите, а најмногу за готвење, приготвување на козметички препарати и сапуни, за медицински потреби и фармацевтски додатоци. Некогаш било користено и како масло за фенери.

Нутриционистички факти

Богато со омега 3 и 6, масни киселини, антиоксиданси, потоа витамините К и Е, ова масло има висока хранлива вредност. Бидејќи нема јагленохидрати и холестерол, ова масло е одличен додаток во храната при третирање и намалување на срцевите заболувања. Анализите сугерираат дека предоминантната олеична киселина значително ги намалува воспалувањата и има благотворни ефекти врз гените поврзани со канцерот. Незаситените масти се отпорни на топлината и затоа ова масло е здрав избор при готвењето.
Бидејќи содржи над 30 различни фенолични компоненти, кои што се моќни антиоксиданси, му помага на телото да се избори со слободните радикали, кои што се молекули кои предизвикуваат прерано стареење. Со намалувањето на таканаречениот лош холестерол, природно го намалува притисокот и има поволни ефекти врз кардиоваскуларните болести. Со намалувањето на шеќерот во крвта, го намалува ризикот од диабетесот од типот 2, дури до 50 отсто и го регулира гликозниот метаболизам.
Намалување на тежината, превенција од удари, борба против остеопорозата – сето ова спаѓа во лековитите својства на маслиновото масло и истражувањата покажуваат дека тоа е одлична алтернатива за заменување на путерот или другите видови масла кои се богати со калории.

Лековити својства

Овој вид масло има повеќе лековити својства, кои што започнуваат со антивоспалителните и антимикробните дејства. На овој начин, тоа помага во борбата со патогените бактерии и ја смирува инфламацијата.
Има благотворно дејство врз дигестивниот систем и со него може да се прочисти дигестивниот тракт, како и да се подобри работата на цревата. На тој начин го забавува стареењето на природен начин, а на кожата ѝ го враќа природниот сјај.
Луѓето кои што страдаат од песок или камчиња во жолчката би можеле да имаат голем бенефит од користењето на маслиновото масло, бидејќи тоа има лаксативен ефект. Со подобрување на еластичноста на мембраните, помага при исфрлувањето на калцификатите кои што се задржани во жолчното ќесе.
Значајно е да напоменеме дека маслиновото масло му помага на телото во борбата против канцерогените клетки, особено во дигестивниот тракт. Медицинските истражувања потврдуваат дека тоа покажува позитивни знаци при борбата со карциномот на ректумот и цревата, бидејќи го спречува растењето на овој тип клетки. Затоа се препорачува и за превенција на карциномот на дојките, особено кај жените кои минуваат низ постменопаузата, а е одлична превенција и кај карциномот на кожата т.е. меланомата.
Кога станува збор за остеопорозата т.е. намалувањето на коскената маса, маслиновото масло е одлична солуција во превенцијата на кревкоста на коските. Тоа го спречува губењето на калциумот и ја зголемува формацијата на коските. Некои студии покажуваат дека луѓето што го користат овој тип масло имаат 51 отсто намален ризик од фрактура или кршење на коските.
Личностите во повозрасните години би можеле да имаат огромна придобивка од овој вид масло и да го одржат правилното функционирање на мозокот, како и да ги зголемат когнитивните моќи и намалат ризикот од деменција. Екстра девственото маслиново масло игра голема улога при чистењето на состојките кои што предизввикуваат дегенерација на мозокот. Помага и при Алцхајмеровата болест и артритисот.
Во регионите каде што маслиновото масло е во честа употреба се забележува дека луѓето живеат подолго поради зголемениот метаболизам, природното намалување на депресијата и останатите видови ментални болести. Медитеранската диета која што е богата со зеленчук, разновидни овошја, житарици и нискомаслени млечни прозиводи, но и релативно мало конзумирање на црвено месо е одлична диета за коригирање на метаболичкиот синдром.
Она што е важно е да обрнете внимание кога купувате маслиново масло и да го одберете ладно цеденото Екстра девствено масло, како најквалитетно од сите останати видови. Студиите покажуваат дека ова масло е најбогато во антиоксиданси и биоактивни компоненти од маслинките.

Ирена Танчева

Рецепт

Фокача со маслинки

Фокачата е сплеснат леб од италијанско потекло, кој што е прелиен со различни видови зачини и додатоци според желба. На прв поглед наликува на пица, но драстично се разликува од неа. Се сече на тенки парчиња и е многу вкусен, а може да го подготвите, додавајќи состојки според вашиот вкус. Денес ќе ви покажеме како се прави фокача со маслинки, надевајќи се дека ќе ве поттикнеме да приготвувате нови видови рецепти.

За овој рецепт ви се потребни следните состојки:

– 500 гр меко брашно
– 15 гр свеж квасец
– 1 лажица шеќер
– 2 лажици мед
– 1 лажичка хималајска или морска сол
– 300 мл топла вода

Додатоци

– 60 мл маслиново масло
– 1 лажичка ѓумбир во прав
– оригано според желба ( може и рузмарин или тимијан т.е. мајчина душичка )

Состојки за декорација

– зелени маслинки
– чери домати

Начин на подготовка:

Ставете го квасецот и шеќерот во мал сад и оставете го да нарасне некаде на топло место, а за тоа време, во друг сад измешајте го брашното и солта. Откако ќе го направите тестото, во средината направете мала дупка, во која што ќе го ставите стасаниот квасец.
Започнете со месење и штом добиете изедначена смеса, ставете го на рамна површина, која што претходно е попрскана со брашно. Месете ја смесата уште околу 2-3 минути. Потоа во друг чист сад, ставете две лажици маслиново масло и оставете ја смесата да го впие маслото и да нарасте, а за што му е потребно нешто повеќе од еден час.
Додатоците измешајте ги во друг сад и штом нарасте тестото, повторно измешајте ги заедно, така што тестото може да ги впие сите состојки еднакво. Оставете на страна да постои уште еден час и покријте ја содржината со крпа.
На страна подгответе тепсија со харија за печење и префрлете го тестото во неа, туркајќи го нежно со прстите до крајот на тепсијата, така што да останат дупчиња кои што се класични за Фокача лебот. Повторно намачкајте го тестото со маслиново масло и мед одозгора, ставете ги состојките за декорација и внесете ја тавата во загреаниот шпорет на 200 степени.
Печете го лебот околу 20-ина минути и откако ќе го извадите, оставете го барем пет минути да се излади. Служете го додека е сѐ уште топол, бидејќи на тој начин е и највкусен. Добар апетит!