Зборник „Конески на 11 јазици“ : Стручен и културолошки предизвик


„Конески на 11 јазици“ е насловен зборникот подготвен на Првата зимска школа на  Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, која се одржа од 25 јануари до 5 февруари 2021 со 50-ина учесници од 15 земји.

Изданието кое излегува во годината кога се слави еден век од раѓањето на Блаже Конески (1921-1993), содржи неколку поглавја – излагања и прилози за Првата зимска школа, лични сеќавања за Конески од четворица странски македонисти – Зузана Топољинска, Иван Доровски, Виктор Фридман и Горан Калоѓера, а централниот дел на Зборникот опфаќа преводи на песни и кратки прозни текстови од Конески на 11 јазици направени од странски македонисти кои учествувале на двата напредни курса за литература и за преведување на Школата. Избраните творби на Конески се преведени на: руски, полски, чешки, словенечки, хрватски, српски, бугарски, италијански, шпански, грчки и турски јазик.

-Ова е прв Зборник на Семинарот за македонски јазик во кој се објавуваат во толкав обем и на толку јазици препеви и преводи од творештвото на Конески остварени во текот на програмските активности на Семинарот. Со право можеме да го наречеме и миниповеќејазична антологија од творештвото на Конески, грижливо подготвени од раководителките на двата курса, рече проф. д-р Намита Субиото од Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана на виртуелната промоција на изданието.

Посочи дека програмата на Првата зимска школа се базирала на лекторски вежби по македонски јазик на три рамништа, а за курсевите по литература и преведување – работа на избрани белетристички текстови од Конески.

-Во текот на работата се покажа дека зад таа едноставност се крие сериозна и обмислена подготовка од која произлегуваат многу добри резултати. Првата зимска школа беше „проста и строга“, со сите конотации на оваа прочуена синтагма. Импресивен е и фактот што само четири месеци по завршувањето ан Школата, нејзините резултати се документирани во овој Зборник, истакна Субиото.

Според промоторката проф. д-р Даниела Костадиновиќ од Филолошкиот факултет на Универзитетот во Ниш, појавата на Зборникот во краток временски рок значи голем потфат, а заслугите и пофалбите, рече таа, им припаѓаат на организаторите и на редакцискиот одбор – Весна Мојсова-Чепишевска, Гордана Алексова, Роза Тасевска, Ордан Чукалиев и Евдокија Илијевска.

Како претставник од Србија, Костадиновиќ била дел од напредниот курс за преведување во рамки на Првата зимска школа.

-За мене тоа претставуваше стручен и културолошки предизвик, а исто така и прекрасна можност за размена на преведувачки искуства и информации – кој дел од македонската книжевност и на кој начин денес се преведува во другите земји, но и за покренување на секогаш актуелни дискусии за осмисленоста на преведувањето од превод на превод, т.е. за т.н. посредно преведување, рече Костадиновиќ.

Директорката на МСМЈЛК, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, соопшти дека Првата зимска школа имала вкупен фонд од 40 часа на далечина на платформата Зум. Биле организирани курсеви за напреднато познавање на јазикот – за македонска литература и за преведување. Конески и делото на Конески било, како што рече, вградено во целокупната настава во десетте работни дена на Првата зимска школа.

-Конески го имавме преку неговите и Граматика и Историја на македонскиот јазик, преку неговите речници, но и преку неговата поезија, неговото творештво… Конески е неприкосновен во она што го направи и на полето на науката за јазикот и на полето на науката за книжевноста, но и во самата книжевност, преку оној свој автентичен поетски творечки глас, како дел од современата македонска поезија, но и европската и светската поезија, а исто така и на полето на преводот/препевот. Затоа можеме слободно да кажеме дека Конески – тоа се и овие 16 семинаристи кои „везеа“ над своите преводи на текстовите на Конески, рече Мојсова-Чепишевска.

Онлајн-промоцијата на Зборникот ја отвори ректорот на УКИМ  проф. д-р Никола Јанкуловски, кој го поздрави овој придонес на странските македонисти од чија интензивна работа, како што рече, излегоа исклучително значајни преводи содржани во Знорникот „Конески на 11 јазици“.

-По само неколку месеци промовираме и се гордееме со овој Зборник. Радува и фактот што во него се објавени и текстови од сеќавања за Конески од странски македонисти. Преводот е една од инстанците преку која се остварува интерлитерарниот комуникациски чин на македонската со другите литератури и прв знак за излегување од полуанонимноста и од тесните национални рамки. Зашто само преку рамноправно соочување со другото, туѓото, универзалното, ќе може адекватно да се вреднува и своето, домашното, националното. Ќе се утврдат сличностите, но и разликите, а со тоа и самосвојноста, уникатноста и оригиналноста на македонската литература, истакна ректорот на Скопскиот универзитет.