Завршуваат градежните работи за санација на свлечиштето од ридот Цуцка кај Велес
Во тек се завршните градежни работи за санацијата на свлечиштето на ридот Цуцка и на дел од регионалниот пат Велес-Градско, кој во оваа трета фаза во должина од 190 метри треба и да се асфалтира. Изведувачот на работите битолската фирма „Стентон градба“ најави завршувањето на овој капитален проект до 18 октомври.
Во тие рамки на проектот е направена целосна санација и заштита на карпите со мрежа и бетон, а поставена е и заштитна метална ограда на крајот од патот кој се граничи со железничката пруга, а што ќе значи и поголема безбедност за пешаците, велосипедистите и возачите на овој дел од патот, но и поголема безбедност на патот и на пругата. За овој капитален проект за Велес средствата во висина од околу 62 милиони денари или над еден милион евра, се обезбедени од Владата преку Министерството за транспорт и врски, а проектот го изработија експерти од Градежниот факултет во Скопје.
Денеска увид во завршните работи направија министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и велешкиот градоначалник Аце Коцевски. Освен оваа санација, министерот Бочварски најави и целосна реконструкција регионалниот пат Велес – Градско, во вредност од околу 4 милиони евра.
Моментно се вршат поправки на бариерите на заштитната мрежа под карпите, со што ќе се оневозможи нивно паѓање на патот и пругата, а на што работат македонски алпинисти вработени во хрватската фирма „Октопус“.
– Во наредните денови ќе се редат рабници и ќе се струга постоечкиот асфалт и ќе се постави нов слој на асфалт со дебелина од 5 сантиметри во должина од 190 метри, информира инженер Блажо Петров од „Стентон градба“.
Министерот Бочварски, истакнувајќи го значењето на овој вреден проект за велешани што ќе значи побезбедно движење и на пешаците и на возачите и на возот на пругата, воедно информира и за следните градежни активности.
Тој најави дека во тек е проектирање за санацијата на регионалниот пат од Катланово кон Велес, што ќе чини 2,8 милиони евра, а веќе се работи на автопатот од Катланово кон Петровец, кој е многу важен патен правец од Коридорот 10 и кој велешани најчесто го користат како сообраќајна врска со Скопје.
Бочварски најави дека во текот на денешниот ден со градоначалникот Коцевски ќе направат и увид на водоводните линии, кои со поддршка на Владата и Министерството, се градат работат кон селата Бузалково и Раштани.
– Со овој проект даваме шанса на сериозна конструкција и изградба на водоводни линии, кои во 21 век не смееме да си дозволиме да останат нерешен проблем, а тоа е водоводни линии кон нашите села и нашите населени места. Се работи на решавање на проблем на околу илјада и петстотини жители, проект преку Министерството за транспорт и врски, со што со проектот вреден 62 милиони денари на Владата и Министерството двете населени места ги поврзуваме со градскиот водоводната линија. Со тоа им даваме шанса на жителите да останат во овие населени места и да не дозволиме да продолжи миграцијата кон градовите, со што правиме пристојни услови за живот на сите граѓани, потенцира министерот Бочварски.
Тој најави и разговори во Кабинетот на градоначалниот Коцевски за решавање на други проблеми на жителите на Општина Велес.
Коцевски, од своја страна, изјави дека со министерот ќе разговараат за многу важни теми и дека ќе изнајдат решенија.
Тој истакна дека проектот за санација на ридот Цуцка, Општината сама никогаш не ќе можеше да го реши овој проблем без подршката од Министерството.
– Ние толку средства годишно имаме вкупно за сите инвестици. Затоа упатувам благодарност до Министерството за транспорт и врски и Владата и до ЈП за државни патишта затоа што овој проект стана државен проект, потенцира Коцевски.
Инаку карпа од ридот Цуцка утрото на 13 март 2018 година се одрони на излезот од Велес на регионалниот пат Велес-Градско и на дел од пругата Велес-Гевгелија. При несреќата немаше жртви.
Граѓаните на Велес беа револтирани затоа што две години патот не беше саниран, а со тоа постоеше и опасноста од нови одрони на карпи. Работите на санацијата на свлечиштето Цуцка по повеќе одлагања започнаа во март година.