Завршија СВП: Траен мост на пријателство и соработка на луѓето без предрасуди
Генералниот секретар на Светската академија на поезијата, при УНЕСКО, Лаура Троиси спречена, поради откажаните летови, во неможност лично да присуствува на Струшките вечери на поезијата, испрати своја порака во која упати честитки за одржувањето на 59-от Меѓународен фестивал на поезијата.
Обраќајќи му се на директорот Тодорче Тасевски, Троиси, во име на институцијата и почесниот претседател Мохамед Надир Азиза, таа упати честитки за напорите за одржување на фестивалот и покрај спефицичните услови поради пандемијата на Ковид-19.
Со овој, пред сè, корисен чин, продолжувате со континуитетот на еден од најважните собири на поетите во светот, признат од УНЕСКО и другите институции за заштита на светското и европското културно наследство. „Струшките вечери на поезијата“, со нивниот концепт и намери, одамна не се само препознатлив културен феномен, промоција на културата и јазикот, условно кажано, на малите нации, туку и траен мост на пријателство и соработка на луѓето без предрасуди и ограничувања. Заедно со просторот во кој се одржуваат, богатото историско и културно наследство, „Струшките вечери на поезијата“ се најдобриот амбасадор на културата, гостопримството и креативниот дух на македонскиот народ. Упатувам најдобри желби за целосен успех на фестивалот, порача Троиси.