Завршија субвенциите за набавка на електричен тротинет – уште може да се аплицира за велосипеди


Фото: Б. Грданоски

Завршен е јавниот повик за субвенции на електрични тротинери, известува Градот Скопје. Аплицирањето пак, за субвенции за граѓаните за набавка на велосипеди е се уште во тек.

Вредноста на средствата кои Градот Скопје ги субвенционира се во износ од 30 отсто од вредноста на еден тротинет. Сепак, тоа не вклучува повече од 8 илјади денари по лице, со пресметан персонален данок на доход. Што се однесува пак, до субвенционирањето за велосипеди, износот е 50 отсто од вредноста на велосипед, но не повеќе од 4.000,00 денари по лице, исто така, со вклучен персонален данок на доход.

Градот Скопје информира и дека на минатата седница на советот на Градот донесена е и одлука за субвенционирање на млади лица, за набавка на електрични тротинети и велосипеди. Од таму велат дека со одлуките за првпат се предвидуваат субвенции за млади лица, на возраст до 29 години, кои се жители на Град Скопје.

Со оглед на високите вредности за аерозагадување во главниот град, од Градот Скопје потенцираат дека целта е подобрување на квалитетот на животната средина и унапредување на здравјето на луѓето. На ваков начин, се стимулираат граѓаните на градот Скопје почесто да користат велосипеди и електрични тротинети, за да се намали загадувањето кое во најголем дел произлегува од густиот сообраќај, соопштуваат од таму.