Заврши протестот за „Монструм“, осуди за нападите врз полицијата и новинарите
Учесниците во денешниот протест за „Монструм“, но и полицајците се повлекуваат од локацијата на Бит Пазар. До тука стигнаа демонстрантите, кои по полициска проценка за можни инциденти беа спречени да ја поминат претходно планираната маршрута – од паркот во Чаир, кон судовите, па до Владата, каде првично планираа да дадат изјави.
Ситуацијата во моментов е смирена, протестот заврши. Организаторите, откако ги испорачаа своите барања во врска со „Монструм“, но и за други судски случаи и откако дел од демонстрантите фрлаа со камења и други предмети кон полициајците, го прогласија протестот за завршен.
Дел од учесниците во протестот одбиваа да се повлечат и продолжија да фрлаат со различни предмети кон полицискиот кордон. Поединци од протестот, некои од нив маскирани се обидуваа да предизвикаат инциденти. Екипата на МИА беше нападната на протестот, по што привремено беше прекинат преносот во живо.
Според извори од МВР во инцидентите се повредени седум припадници на полицијата.
Учесниците во протестот во еден момент беа на дистанца од стотина метри од полицискиот кордон, на локацијата на Бит Пазар. Полицискиот кордон ги потиснуваше демонстрантите, кои бараа од полицијата да им го ослободи патот за да стигнат до судовите и Владата. За да ги растера демонстрантите полицијата употреби и шок бомби.
Во своите изјави организаторите бараа меѓународни експерти да ги преиспитаат случаите „Монструм“, „Алмир“, „Алфа“, „Харун Алиу“, „Бродец“ и други, а некои од нив побараа од лидерот на ДУИ, Али Ахмети да ја напушти Владата.

– Бидејќи ниту една Влада не презема ништо во врска со овие прашања, ни останува само да им се обратиме на меѓународните институции, порачаа учесниците на протестот.
Пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи, ги повика учесниците во протестите на смиреност и вети дека ќе преземат се што можат како пратеници „да биде задоволена правдата во овие случаи“. Поранешниот потпретседател на Собранието, Хисни Шаќири, исто така, побара од учесниците во протестот да бидат смирени.
Протестот беше организиран поради незадоволството на семејствата на обвинетите во случајот „Монструм“ по изрекување доживотни казни затвор на обвинетите Халил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, единствена казна затвор од 15 години за обвинетиот Фејзи Азири и единствена казна затвор од девет години на обвинетиот Хаки Азири, обвинети за петкратното убиство на пет лица кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година. За обвинетиот Сами Лута, се одбива обвинението, поради откажување на јавниот обвинител.
Синдикат на полиција на Македонија најостро ги осуди денешните напади врз припадниците на полицијата и ги повика институциите да ги преземат сите мерки за соодветно кривично правно процесуирање на сторителите.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро го осуди денешниот напад врз екипа на Медиумската информативна агенција (МИА) која професионално известуваше за протестот поврзан за случајот „Монструм”.
-Според кажувањата на колегите од МИА, имало обид да им се одземе опремата и турканици, при што снимателот бил турнат, а неговата опрема оштетена. Ваквиот однос кон новинарите кои се на работна задача на терен е неприфатлив и потребно е да биде строго казнет од страна на Министерството за внатрешни работи затоа што насилството кон новинарите не е дозволив во демократски земји, наведува ЗНМ.
ЗНМ уште еднаш предупредува дека неказнивоста на нападите и медиумските работници може да поттикне посериозни насилства кон новинарите, а со тоа дополнително да се загрози нивната безбедност, правото на слобода на изразување, како и правото на информирање на граѓаните. Затоа е важно, дополнува ЗНМ; што поскоро да се измени Кривичниот закон во насока на системска заштита на новинари и медиумските работници.
И Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро ги осуди нападите врз новинарите и медиумските работници кои се случија денеска за време на протестите против пресудите за случајот „Монструм“.
-Во текот на протестите од страна на демонстрантите физички била нападната новинарска екипа на новинската агенција МИА, при што имало и обиди за одземање на опремата за снимање. За среќа нападнатите медиумски работници се извлекле без посериозни повреди. Во вториот случај, новинар на дневниот весник Слободен печат бил спречен да ги извршува своите задачи од страна на полициски службеници во цивилна облека кои го извлекле на страна, му ја свиткале раката, безобразно и дрско се однесувале кон него и не го пуштиле додека не го избрише снимениот материјал со изговор дека ги снимал полицајците во лице, наведува Синдикатот.
-ССНМ силно протестира против ваквите инциденти бидејќи напад врз новинарите и медиумските работници е напад и врз слободата на изразување и правото на информирање на граѓаните, стои во соопштението од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.