Заврши молкот за Кочани, сега е време да се зборува, велат од ДУИ


 

Демократската унија за интеграција почна да ги поставува првите сериозни прашања откако заврши седумдневната жалост за настраданите во Кочани.

„Изминаа седум дена болка, молк и солидарност – денови кога целото општество се поклони пред споменот на 59 млади животи што згаснаа трагично, меѓу кои и деца, а стотици други беа повредени. 

Како Демократска унија за интеграција, одбравме да молчиме –  од почит. 

Почит кон жртвите, кон семејствата, кон една национална рана што треба да нѐ обедини, а не да нè подели.

Но молкот заврши. И сега мора да се зборува“, вели во днешеното соопштение ДУИ.

Од партијата велат дека власта уште првиот ден „наместо да сочувствува започна политичка хајка. Наместо со информации, излегоа со обвинувања“. 

Во ДУИ се незадоволни што поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, беше апсен со лисици и пред камери и почна префрлање на вината.

„Иако сите знаат дека лиценците не се трајни, не се автоматски продолжени, сите знаат дека се минати години откако се истечени, а дури и конкретната – фалсификуваната – завршила три дена пред трагедијата.

Сите знаат дека објектот бил запечатен од УЈП пред неколку месеци, а многу наскоро потоа незаконски отворен. 

Сите знаат дека во објектот редовно имало недозволиво прекубројна публика, а и самата вечер преку 650 луѓе во објект со капацитет од 300. 

Сите знаат дека на овие забави редовно се користеле пиротехнички средства, и на сите им било јасно дека тоа се прави без дозвола од полицијата, исто како што пиротениката била користена и кобната вечер. 

И најважно – сите локални институции, од полиција до инспекторати, го знаеле тоа, го гледале тоа, но не смееле да реагираат. 

Сите сѐ гледале – но цела година – никој ништо не видел.

Прашуваме зошто? Зошто навреме не видоа и зошто не спречија?

Бидејќи тоа место не беше обичен локал. 

Тоа беше неформалното собиралиште на целата  политичка, криминална и бизнис елита на Кочани и поширокиот регион“, велат од ДУИ.