Заврши јавниот повик за субвенционирање на чистењето оџаци


Градот Скопје известува дека заврши Јавниот повик за субвенционирање на домаќинства и на други субјекти на подрачјето на Град Скопје за чистење оџаци за 2022 година.

-Јавниот повик, како една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот, траеше од 22.06.2022 до 30.11.2022 година и на истиот по електронски пат пристигнаа 297 барања. Со овој повик, Градот Скопје надоместува дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во износ од 1.200 денари, а на јавниот повик можеа да учествуваат физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје – известуваат од Град Скопје.

Инаку, од таму информираат, дека целта на овој проект на Град Скопје е намалување на загаденоста на амбиентниот воздух, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5).

-Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централно греење, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците. Мерката има цел да постигне позитивни ефекти – подобро согорување, намалување на штетните отпадни гасови, саѓи и трошоците за затоплување, како и подигнување на јавната свест кај граѓаните за потребата за чистење на оџаците – се наведува во соопштението на Град Скопје.