Заврши гласањето за вториот круг, уште два часа продолжено во неколку избирачки места


Гласањето на вториот круг од локалните избори, што денеска се одржува во 44 општини и Град Скопје, заврши во 19 часот.

Според претседателот на ДИК, Александар Даштевски, гласањето во просек по два часа продолжува во неколку избирачки места, затоа што во текот на денот било прекинато.

Излезноста до 18.30 часот е 48,88 отсто, соопшти Даштевски. Тој напомена дека најголема излезност има во Вевчани, Росоман и Демир Кaпија, додека најмалку во Сарај, само 28.12%, информираа од ДИК. Гласале 555 943 гласачи.

Во Центар гласањето е продолжено на три избирачки места и тоа два часа и 55 минути, а исто и во Сарај, каде ќе се гласа и во следните 2 часа и 45 минути.

Во Карпош гласањето е продолжено во едно избирачко место, како и во Чешиново-Облешево за 1 час и 11 минути, Зелениково – 2.15,  во Пробиштип на две места 1,55 односно два часа. Исто така гласањето е продолжено и во Долнени на едно избирачко место уште час и половина.