Заврши 24. Моден викенд: Во Штип се дискутираше за кружната економија како модел за решавање на текстилниот отпад


Со затворањето на изложбениот салон во Битола и модниот перформанс на проектот „Кружната економија како модел за решавање на текстилниот отпад во Општина Штип“, успешно беше означен крајот на тридневното издание на настанот, викендов, во чиј фокус беше бавната мода и циркуларната економија под слоганот „Beyond the Fields“, давајќи им простор за промоција на 30 креативци и нивните дела за време на иницијативниот проект NoWasteMK. 

Преку шоу-рум, изложба, експериментална колекција и сет на разговори во Битола и Штип, со онлајн-вклучувања од Штип до Њујорк, NoWasteMK истражуваше и дискутираше на теми за одржливост, со цел да ги поттикне потребните промени кон поодржливо општество и индустрија.

 

Пред платото на Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, како дел од активностите на Моден викенд под мотото #NoWasteMK беа промовирани дел од активностите на проектот „Кружната економија како модел за решавање на текстилниот отпад во Општина Штип“.

Во првиот дел на настанот беа презентирани придобивките од проектот финансиран од Глобалниот еколошки фонд , каде збор зеде г. Златко Самарџиев, национален координатор на ГЕФ ПМГ во Република Северна Македонија, како и координаторот на проектот проф. Игор Јорданов, основач на ИНО ТЕХ КЛУБ Штип. Во дебатата се приклучи и Борис Шарковски од Фондацијата за развој на локалната заедница и стави акцент на промоцијата на концептот на циркуларна економија и социјално претприемништво кое е во зародиш во нашата држава, а има огромен потенцијал за развојот на економијата. Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип како партнер во проектот преку ТТФ ги произведе новите перничиња, јорганчиња, шалови и „лејзи бег“ од текстилен отпад од текстилните конфекции во Штип, кои гордо беа презентирани од студентките на Технолошко техничкиот факултет под менторство на професорката Сања Ристески.

-Во Штип има над 80 текстилни компании, овој пионерски чекор што го започнавме преку овој проект очекуваме да се развива, да се одржува и да се следи и од други чинители како пример на добра пракса, изјави Дијана Насева од УГД, асистент на проектот и модератор на завчерашниот настан.