Карлос Сантана хоспитализиран откако му се слоши пред настапот во Тексас

Карлос Сантана (77) беше хоспитализиран во Тексас по итна медицинска помош пред закажаниот настап. Поради здравствени проблеми, Сантана мораше да го одложи својот настап во театарот „Маџестик“ во Сан Антонио, Тексас во вторникот вечерта.
Неговиот менаџер Мајкл Врионис подоцна изјави: „Со големо разочарување морам да ве известам дека шоуто во Сан Антонио е одложено. На господинот Сантана му се слоши додека се подготвуваше за шоуто. Утврдено е дека е дехидриран“.
„Поради претпазливост и здравствената состојба на господинот Сантана, одлуката да се одложи настапот беше најдоброто решение“, додаде менаџерот.
Менаџерот уверува дека Сантана со нетрпение очекува наскоро да настапи пред публиката во Сан Антонио. Тој ќе ја продолжи својата турнеја во САД веднаш штом ќе биде подобар.
Сантана има закажано настапи во Шугар Ленд, Такервил, Тулса и Нешвил пред да замине во Њу Орлеанс на почетокот на мај на годишниот џез фестивал. Тој треба да се врати во неговата резиденција во Лас Вегас на 14 мај, а потоа ќе ја обиколи Европа во текот на летото. Останува да се види дали сите овие концерти ќе се одржат според планираното.
Сантана одложи дел од концертите во Лас Вегас во јануари, откако падна во својот дом на Хаваи и го скрши прстот. Менаџерот тогаш изјавил: „Карлос одел во својата куќа кога паднал и го скршил малиот прст на левата рака. За жал, тој нема да може да свири на гитара околу шест недели. Лекарите велат дека целосно ќе закрепне“.