Затворен објект во Грчец, работел диво и без ковид мерки
Полициски службеници од Бирото за јавна безбедност и Одделот за специјални полициски операции, во координација со Управата за јавни приходи (УЈП) и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), синоќа околу полноќ извршиле контрола во угостителски објект во скопското село Грчец.
Како што информираат од МВР, констатирани биле низа неправилности во работењето: објектот немал регистрирано правно лице-фирма, немал регистриран фискален апарат, не биле почитувани мерките за справување со Ковид-19, поради што од страна на ДПИ објектот бил запечатен и изречени се соодветни глоби.
Извршен бил преглед на 40 лица и констатирано било присуство на тројца малолетници, за што ќе следуваат соодветни пријави.
Исто така, приведено е едно лице кај кое е пронајден нож.
За сите незаконитости ќе следуваат соодветни поднесоци, посочуваат од МВР.