Застарениот американски систем за контрола на летање – виновен за судирот на авион и хеликоптер
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/01/vasington-potomak-avion.jpg)
Американскиот претседател Доналд Трамп го обвини застарениот систем за контрола на летање за судирот меѓу патнички авион и воен хеликоптер минатата недела.
Тој на еден настан рече дека имало „многу пропусти“ тој ден и посочи дека американскиот систем за контрола на воздушниот сообраќај е застарен, пренесе АП.
Според него, САД потрошиле милијарди долари „обновувајќи стар, расипан систем“ наместо да инвестираат во сосема нов. „Она што се случи е неверојатно“, рече Трамп за време на говорот на Националната молитвена церемонија во Капитол.
Најави дека САД ќе развијат нов, модернизиран компјутерски систем за контролни кули. Судирот се случи на 29 јануари кога авионот на Американ ерлајнс од Вичита, Канзас, беше на пат да слета на националниот аеродром Роналд Реган Вашингтон.
Никој не ја преживеа несреќата. Федералната управа за воздухопловство (FAA) го спроведува планот наречен „NextGen“ за подобрување на системите за контрола на воздушниот сообраќај од средината на 2000-тите, кој беше инициран поради загриженоста за зголемениот метеж на воздушниот сообраќај.
Иако извештајот на ФАА по несреќата покажува дека контролорот добил сигнал за приближувањето на авионот и хеликоптерот кога биле оддалечени повеќе од една милја, истражителите сега ја проверуваат точната височина на двете возила. Засега нема нови информации, пренесува Танјуг.