Засега, ништо од дополнителен час дневна евтина тарифа за струјата
Доколку се воведе еден час или два повеќе евтина дневна тарифа, тоа би значело укинување на евтината тарифа од 22 до 24 часот навечер, вели Бислимоски
Не се создадени услови за дополнителен час евтина дневна тарифа за електричната енергија, соопшти денес претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, на прес-конференција во Скопје. Тој образложи дека РКЕ не се откажува од оваа намера, но засега поради состојбите на пазарот, доколку се воведе еден час повеќе евтина дневна тарифа, тоа би значело укинување на евтината тарифа од 22 до 24 часот навечер.
„Во оној момент кога ќе се создадат услови, кога ќе има порелаксирани услови на пазарот, ќе воведеме дополнителни час или два евтина тарифа во текот на денот“, рече Бислимоски.
Тој рече дека не сакаат да предизвикаат никакви проблеми и нагласи дека постојната евтина тарифа за струјата од 22 до 24 часот, од нула до седум часот наутро и цел ден во недела ќе остане и понатаму.
„Реално, ако ја укинеме евтината тарифа од 22 до 24 часот, на сметка на зголемување на дневната евтина тарифа, граѓаните ќе имаат помал бенефит отколку сега“, вели Бислимоски.
Бислимоски, одговарајќи на прашања на новинарите, рече дека анализите се завршени, и тие покажале дека услови за воведување евтина тарифа според податоците за 2021, 2022 и 2023 година немало, кога започнала и пенетрацијата на фотоволтаиците.
„Она што е јасно како тренд во првите девет месеци од годинава е дека најниски цени во текот на денот има во периодот од 12 до 16 часот, кога на берзата Хупекс се под 50 евра за мегават час. Значи, во овој период постојат услови не за плус еден, туку за уште еден дополнителен час евтина дневна тарифа“, рече Бислимоски.
Но, како што нагласи, кога се разговарало за воведување на дополнителен час евтина тарифа било посочено дека треба да се преслика она што се случува на пазарот.
„За жал, на пазарот од 20 часот до 24 часот цените на електричната енергија се убедливо високи во однос на другите периоди кога имаме и евтина тарифа и скапа тарифа. Така, доколку би го следеле пазарот, тогаш воведување на евтина тарифа би било од 12 до 16 часот, но евтината тарифа од 22 часот до 24 часот, кога има реално високи цени, ќе треба да ја укинеме“, рече Бислимоски, додавајќи дека поради долгата традиција кај потрошувачите да ја користат евтината тарифа токму во овој период од денот, тоа не би било популарна мерка.
Тој ова го образложи со ударот кој годинава се случи со цените во регионот, односно несразмерното зголемување на цените на електричната енергија поради надворешни фактори, како што е исклучувањето на нуклерака во Романија поради екстремно топлото време, и поради „запушеноста“ на прекуграничните капацитети за пренос на електрична енергија што влијае и врз цената за мегават час.
Сепак, како што рече, РКЕ не се откажува од оваа мерка.
„Ние како Регулаторна комисија за енергетика нема да се откажеме од воведувањето на дополнителна евтината дневна тарифа. Ќе ги следиме случувањата. Но, како што кажував и до сега, со воведувањето не сакаме да предизвикаме дополнителни финансиски проблеми кај енергетските компании кои имаа тежок период изминатите години, пред се во ЕСМ, затоа што таа евтина тарифа во тие периоди ќе се зголемува потрошувачката и ќе треба да се надомести“, рече Бислимоски.
Тој додаде дека во изминатите десетина дена одржале неколку состаноци со ЕСМ и со ЕВН хоум при што од нивна страна немало забелешки, односно и тие кога ќе се создаде реална можност да се имплементира дополнителен час на евтина тарифа.
„Заеднички заклучивме дека ќе ја следиме ситуацијата имајќи во предвид дека има сериозни навестувања и за зголемувања на цените на електричната енергија на берзите, особено од јануари“, рече Бислимоски.
Запрашан дали зголемувањето на цената на електричната енергија на берзите ќе се одрази и на цената на струјата која што ја плаќаат домаќинствата, Бислимоски рече дека не очекува било какви шокови.
Тој ги објасни сегашните состојби на пазарот на енергенти каде што се навестуваат одредени турбуленции.
„Од 1 јануари 2025 година Украина ќе престане да транспортира руски природен гас, и земји кои што би можеле да бидат погодени се земјите од Средна Европа, односно Унгарија, Австрија, Словачка, Чешка“, рече Бислимоски.
Тој верува дека како земји членки на ЕУ имаат обезбедено природен гас и од други извори, но тоа може да биде удар на цената на природниот гас, а цената на електричната енергија ја следи цената на приородниот гас.
Бислимоски рече дека природниот гас ќе треба да се донесе од друго место, една опција е таканаречената вертикала, од ЛНГ терминалот во Александопулис, Грција, кој преку Бугарија, и Романија ќе стигнува до Украина и понатаму во останатиот дел на Европа, но треба да се знае дека притоа трошоците за транспорт се зголемуваат за 10 до 15 евра за мегават час.
Дополнително, во изминатиот период енергетската инфраструктура на Украина е прилично погодена, и оваа земја која што била сериозен извозник на струја, сега во одредени периоди увезува што прави притисоци на цените.
Тој рече дека во делот на цената на електричната енергија ги добиле барањата од Електродистрибуција за дистрибуција на електрична енергија, од МЕПСО за пренос на електрична енергија и од МЕМО за оператор на пазар за електрична енергија.
„Најбитните елементи ќе бидат набавките на загубите на електрична енергија кои што треба да ги направат МЕПСО и Електродистрибуција, тие ќе се направат во наредниот период, така што во овој момент не сакам да шпекулирам дали ќе се зголеми или ќе се намали цената на струјата“, рече Бислимоски.
Тој објасни дека како параметар загубите на електрична енергија во преносната мрежа МЕПСО ги набавил за 2024 година за 115 евра за мегаватчас, а просечната цена за набавка на загуби во дистрибутивната мрежа е 105 евра за мегаватчас. Исто така и ЕВН хоум треба да распише тендер за набавка на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи.
„Треба да видиме колку проценти ќе обезбеди ЕСМ, дали ќе се обезбедува од слободниот пазар, по која цена ќе се понуди и сл. Но, не очекувам било какви драматични шокови“, рече Бислимоски.