Засега нема кризна состојба поради струјата, цената нема да се зголемува, количините се осигурени
Засега нема потреба од прогласување на кризна состојба поради состојбите на пазарот на струја, оценила Комисијата за електроенергетска кризна состојба која е во состав на Министерството за економија и во која покрај министерот, се и претставници на компании и институции од енергетскиот сектор.
Како што изјави денес на прес-конференција Министерот за економија Крешник Бектеши, цената на струјата за домаќинствата нема да се менува, а до крајот на годинава се обезбедени и неопходните количества електрична енергија, како за домаќинствата, така за малите потрошувачи. Инаку, како што соопшти Бектеши во моментов е вклучен и вториот блок на РЕК Битола, а ако има потреба ќе се активира и третиот блок, како и ТЕЦ Неготино. Јаглен веќе се увезува од Косово за потребите на ТЕЦ Осломеј, која од почетокот на наредниот месец целосно ќе биде во функција, имајќи во предвид дека количините јаглен за нејзино функционирање се целосно обезбедени. Во моментов, домашното производство на електрична енергија е 300 мегавати, а вкупните потреби се 500 мегавати, рече Бектеши.
„Детално разговаравме со сите чинители во енергетскиот сектор во земјата, вклучувајќи ги ЕСМ, МЕПСО, ЕВН, Регулаторна комисија за енергетика и согласно сите анализи и информации кои беа произнесени од енергетските компании и другите институции, не е прогласена кризна состојба во земјава“, рече Бектеши на прес- конференција по состанокот на Комисијата.
„Сакам да ги уверам сите граѓани дека до крајот на годинава нема да има зголемување на цената на електричната енергија имајќи во предвид дека цените се веќе утврдени, а Владата токму за ова презеде и предвремени мерки како што беше намалувањето на ДДВ“, додаде тој.
Бектеши рече дека доколку поминел законот кој беше предложен од Министерството за животна средина во делот на еколошката такса, сега ќе можеше да се вбризгаат повеќе средства кои би се користеле во енергетските компании, додавајќи дека се подготвуваат слични мерки.
Според Законот за енергетика, Министерот за економија има право да ја свика оваа комисија во која членуваат претставници на енергетските компании и институции, која може да предложи мерки кои потоа одат на Влада за нивно усвојување. Согласно уредбата, може да се интервенира и во изборен период. Во случај на прогласување кризна состојба на располагање се повеќе мерки како на пример кога и колку да се користи уличното осветлување.
„Но, такви мерки во моментов мислам дека не се потребни бидејќи согласно информациите што ги имаме до крајот на годинава ќе имаме и количини на електрична енергија што можеме да ја испорачаме за домаќинствата и за малите потрошувачи кои отишле кај универзалниот снабдувач или во одредени моменти кај краен снабдувач“, рече министерот за економија.
„Цените нема да се зголемуваат, количините се осигурени, ние сме подготвени како Влада да им помогнеме и на ЕСМ и на МЕПСО во случај ако има потреба, односно ако купуваат енергија и на слободен пазар“, нагласи Бектеши.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека отсега никој не може да гарантира дали ќе има зголемување на цената по Нова година, со оглед дека станува збор за светска криза која се рефлектира и врз нашата електроенергетска мрежа. Сепак, како што додаде убеден е дека нема да има големи ценовни шокови. (М.Ј.)