Засадени повеќе од 500 дрвја кај кружниот тек во Чаир


 

Повеќе од 300 нискостеблести листопадни растенија и девет зимзелени садници се засадени на новоизградениот кружен тек во Чаир на улиците „Кемал Сејфула“ и „Втора македонска бригада“.

Денеска, скопскиот градоначалник Петре Шилегов, рече дека годинава и улицата „Втора македонска бригада“, која се наоѓа во продолжение на овој кружен тек, е побогата за прекрасен дрворед и ниско зеленило од над 200 садници.

– Екипите на „Паркови и зеленило“ секојдневно се наоѓаат на повеќе локации во градот, во текот на целата сезона на садење додека траат поволните временски услови. Некогашните депонии сега ги претвораме во паркови, го обновуваме зеленилото на постојните паркови, а садиме ново и го обновуваме и постојното булеварско зеленило – рече Шилегов.

Тој апелираше до граѓаните да се грижат за хигиената во парковите, со цел зеленилото да може да се користи во неговата полна убавина.

– Скопје станува видливо зелен град и тоа граѓаните секојдневно го препознаваат, што мене посебно ме радува и како човек и како градоначалник чија обврска е да се грижи и за овој дел од комуналните дејности во градот – заклучи градоначалникот.