Засадени околу 1.200 аризонски чемпреси на ридот над Усје


Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски денеска учествуваше во акцијата за засадување на околу 1.200 аризонски чемпреси на ридот над Усје.

Тој информира дека денеска е започнато со садење дрвца на ридот над игралиштето во Усје, на површина од 5000 м2.

– Обезбедивме донација од околу 1.200 аризонски чемпреси кои најдобро се прилагодуваат на временските услови на нашиот регион. На овој начин ја подобруваме естетиката на овој запуштен простор, но и креираме природен филтер против загадувањето. На жителите на општина Кисела Вода им ветив подобрување на квалитетот на живот во секој негов сегмент, ветив чиста и зелена општина. Денешната акција во населеното место Усје и сите оние кои ќе следат после неа, се знак дека планирам да ги исполнам сите мои дадени ветувања, изјавил градоначалникот Ѓорѓиевски.

Во периодот што следи, се наведува во соопштението од Општина Кисела Вода, предвидени се и други вакви акции за пошумување и зазеленување на општината.