Засадени 10 дрвца за месецот на франкофонијата


Фото: Б. Грданоски

Министерот за надворешни работи, Буар Османи, по повод одбележувањето на месецот на франкофонијата, заедно со францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер и градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски засадија 10 садници во Паркот на франкофонијата во Скопје.

„Ми претставува особено задоволство што денеска имам чест да го отворам овој настан токму од овде од Паркот на Франкофонијата кој сведочи за негување на француската култура во земјата. Мило ми е што сум меѓу толку многу луѓе, обожаватели на делата на Моне и јазикот на Молиер, кој и нас нè обединува во семејството на франкофонски земји“, истакна Герасимовски во своето обраќање.

Фото: Б. Грданоски

Тој исто така потсети за проектите кои го негуваат францускиот јазик и култура кои Општина Центар ги организира во соработка со Францускиот институт.

„Францускиот јазик во Општина Центар ги обединува наставниците по француски јазик и учениците од основното училиште Димитар Миладинов кои организираат настани или француски натпревари, како и учениците од другите училишта кои учат француски јазик и преку него ја спознаваат француската култура и народ. Францускиот јазик од рана возраст го спознаваат и децата од од градинката „13 Ноември“ кои преку сликовници ја развиваат љубопитноста и интересот за изучување странски јазици“, истакна Герасимовски.

Фото: Б. Грданоски

Османи истакна дека франкофонијата е во служба на зближувањето на народите, жива и посветена организација на мисијата на дијалог и промовирање на универзалните вредности, мир, демократија и човекови права, а со засадувањето дрвца афирмираат уште една вредност – чувањето на природината околина.

-Живееме во свет полн со превирања, мирот како темелна вредност за која мислевме дека не може да биде доведена во прашање, повторно е нарушен од пламените јазици на војната и тоа во самата Европа. Ова уште повеќе не мотивира да се сплотиме и да создадеме синергија, а чинот на садење дрвце, нека биде симболична порака за мир, заедништво и соработка која ја испраќаме од Пракот на франкофонијата, рече Османи.

Амбасадорот Бомгартнер порача меѓу другото дека човековите права, демократијата и мирот се меѓу вредностите на Франкофонијата, кои во денешниот свет се навистина строго оспорувани и затоа е многу важно што сме обединети во нивната одбрана. Тој при тоа им се обрати на учениците кои беа дел од настанот.

– За неколку години дрвцата ќе пораснат, а за тоа време вие ќе бидете возрасни, ќе станете гласачи и идни водачи на земјата. Симболичното засадување нови дрвца не повикува со големо внимание да го следиме затоа што преку него се гради и вашата европска иднина, истакна Бомгартнер.