Започнува имплементацијата на NICS системот за менаџирање кризи на НАТО


Владата на денешната 141. седница ја разгледа Информацијата за дигитализација на Системот за управување со кризи преку имплементацијата на NICS – Next Generation Incident Command System – NATO SPS Project (следна генерација на Систем за управување со инциденти) во Република Северна Македонија, ги задолжи сите органи на државната управа и им укажува на институциите кои немаат статус на органи на државна управа, активно да учествуваат во дигитализацијата на Системот за управување со кризи и целосно да го имплементираат и интегрираат NICS во своите институции, информира владината прес-служба.

Оттаму појаснуваат дека NICS апликацијата претставува дигитализација на Системот за управување со кризи и овозможува командување со ангажираните ресурси (единици, тимови и МТС) во рамките на секоја институција од Системот за управување со кризи, меѓуресорска координација, соработка и комуникација помеѓу институциите ангажирани на справувањето со инцидентите, кризите и кризните состојби, и размена на податоци и информации (текст, слика и видео содржина) во реално време.

Целосната имплементација на NICS проектот ќе се реализира до 1 декември 2020 година, што практично значи дека Република Северна Македонија како 30-та членка на НАТО, ќе има имплементиран современ дигитален систем за управување со кризи, наведуваат во соопштението од владината прес-служба.