Започна јавната дебата по новите закони од областа на геодезијата, премерот и катастарот на недвижности


Олеснети постапки за граѓаните, подобрени сервисни услуги за бизнис-заедницата, како и за професионалните корисници треба да донесат новите прописи од областа на геодезијата, премерот, катастарот на недвижности и водењето регистри – Предлог законот за геодетска дејност и Предлог законот за премер, катастар на недвижности и регистри, за кои денеска започна јавната стручна расправа организирана од Агенцијата за катастар на недвижности (АКН).

Заменик министерот за правда Агим Нухиу во изјава за медиумите истакна дека потребата од реформа во оваа област е со цел да се одговори на промените во геодетската област.

-Денеска почна јавната стручна расправа во однос на новиот закон бидејќи има потреба за правна сигурност, односно да имаме правен ред кој ќе биде јасен и неконтрадикторен во однос на имотно правните прашања. Ќе следат и други јавни распарви, а потоа ќе иницираме постапка во Владата, по што законите ќе одат и во собраниска процедура, рече Нухиу.

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Борис Тунџев, истакна дека станува збор за сосема ново законско решение кое се разликува во повеќе сегменти од постојниот закон кој е донесен во 2013 година и досега има претрпено неколку измени, поради што има суштествена потреба од донесување ново современо законско решение.

-Основен сегмент е што овозможуваме за граѓаните да ја користат можноста за вложување на жалба во второстепена постапка. Ова досега не беше возможно, граѓаните беа изложени на непотребни судски трошоци, ги упатувавме на постапки пред Управниот суд кои што траеја премногу долго. Обезбедуваме нови сервиси во АКН и воведуваме сосема нов закон за вршење на геодфетската дејност кој ќе донесе новини и по однос на функционирањето на оваа професија во земјава, рече Тунџев.

Тој појасни дека од постоечкиот Закон за катастар на недижности всушност се прави нов закон Закон за премер, водење на регистристри и Закон за вршење на геодетска дејност.


-Се надеваме во следните месец дена ќе имаме уште неколку јавни дебати со професионалните здруженија и корисници и низ еден инклузивен процес да направиме сосема квалитетен закон, односно две нови законски решенија. Сите мислења и ставови и добронамерни сугестии кои ќе бидат во насока на подобрување на предложениот законски текст и кои ќе бидат во интерес на граѓаните, бизнис заедницата секако ќе бидат прифатени. Затоа што постапката за запишување, односно законот поврзува повеќе дености како што се општините, министерствата, нотарските акти, поднесувањето на нотрските акти, извршителите. Сетоа тоа е поврзано со носителите на правата на сопственост и јавната книга во АКН, рече Тунџев.

Со носењето посебен закон за геодетска дејност, додаде тој, се врши усогласување со директивите на ЕК, а АКН, вели, има импленментирано најмногу од директивите кои се однесуваат на просторните податоци. Ова е вториот чекор во кој што се врши усогласување со европските директиви, пред се, во делот на сегментот на функционирањето на приватната геодетска дејност и осовременување на дигиталните процеси во АКН со што, како што вели Тунџев, ќе се понуди повисок квалитет на услугите.

Од Комората на трговски друштва за геодетски работи која здружува 140 фирми на ниво на цела држава ја поздравија дебатата, како и носењето на овие законски решенија и најавија дека ќе достават низа забелешки на предложените законски решенија. Претседателот на Комората Никола Рибароски смета дека дел од предложените законски решенија не се во согласност со добрата пракса, особено во делот на именување членови во Управниот одбор на Комората, и со забелешки на, како што вели, забрзаната постапка на носење на законот.

-Ние веќе составивме работна група по однос на Законот за катастар на недвижности дадовме свои забелешки, но си зададовме задача до крајот на јуни да дадеме забелешки и по однос на Законот за геодетска дејност, рече Рибароски кој подвече дека цвсто ќе застанат зад нивните предлози во интерес на приватниот геодетски сектор.