Започна изградбата на новиот кампус на Универзитетот Мајка Тереза, ќе чини 42 милиони евра
Започна изградбата на новиот, модерен кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, на која присуствуваше премиерот Мицкоски. Владата донесе одлука со која се обезбедени вкупно 42 милиони евра за реализација на овој значаен проект.
Од нив, 40 милиони евра се наменети за изградба на објектите, а околу 2 милиони евра за надзор на градбата.
Новиот кампус ќе се гради на површина од 31 илјади метри квадратни, и ќе претставува современ академски комплекс, со модерни објекти, амфитеатри, студентски простори, спортски сали, базен и инфраструктура која ќе одговара на потребите на современото високо образование.
„Овој проект претставува стратешка инвестиција во иднината на државата. Инвестиција која ќе создаде современи услови за образование, научна работа и академски развој. Но оваа инвестиција е дел од една поширока слика – сликата на образованието што го градиме.
Нашата визија е јасна: образованието мора да биде темел на развојот на државата. Нема силна економија без силни универзитети. Нема модерна држава без образовани и мотивирани млади луѓе.

Затоа паралелно инвестираме во модернизација на училиштата, во подобрување на условите за работа на наставниците и професорите, во нови образовни програми, во дигитализација на наставата и во поврзување на образованието со потребите на современата економија.
Нашата цел е јасна – младите луѓе да имаат можност да студираат, да се развиваат и да ја градат својата кариера тука, во својата држава.
Универзитетите мора да бидат центри на знаење, истражување и иновации. Места каде што се создаваат идеи, каде што се развиваат нови технологии и каде што се подготвуваат генерации кои ќе ја водат државата напред.
Универзитетот „Мајка Тереза“ е важен дел од таа академска мрежа. Со овој нов кампус му даваме можност да се развива уште посилно и да стане современ образовен центар кој ќе им служи на студентите, на академската заедница и на целото општество, рече денс на поставувањето на камен-темелник, премиерот Мицкоски.