Запечатен е ковчегот на папата Францискo, почит му оддале 250.000 луѓе

Ковчегот на папата Францискo е запечатен вечерва за време на литургиската церемонија во базиликата „Свети Петар“, пред неговиот погреб што ќе се одржи утре, додека околу 250.000 верници му оддадоа почит на поглаварот на Римокатоличката црква.
Кардиналот Кевин Фарел ја предводеше церемонијата за запечатување на ковчегот на папата Франциск, со што се означи крајот на јавното изложување на телото во базиликата „Свети Петар“.
На церемонијата присуствуваа и кардиналите Џовани Батиста Ре, Пјетро Паролин, Роџер Махони, Доменико Мамберти, Мауро Гамбети, Балдасаре Реина и Конрад Крајевски.
Префектот на Рим, Ламберто Џанини, изјави дека утре се очекуваат 200.000 луѓе на улиците на Рим за погребот на папата, а ќе бидат распоредени 4.000 полицајци, објави Анса.
Покрај тоа, на поворката ожалостени низ Рим ќе им се придружат групи поранешни затвореници, бегалци и сиромашни, за кои папата се залагаше за време на службата.
Церемонијата ќе започне утре во 10 часот наутро на плоштадот „Свети Петар“, а потоа поворката ќе се упати низ Рим кон базиликата Санта Марија Маџоре, каде што ќе биде погребан папата.
На погребот ќе присуствуваат италијанската премиерка Џорџија Мелони, американскиот претседател Доналд Трамп, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, францускиот претседател Емануел Макрон, македонската претседателка Гордана Силјановска – Давкова и стотина други државници и функциоенри од целито свет.
Покрај тоа, утре во Рим ќе бидат и украинскиот претседател Володимир Зеленски, претседателот на родната Аргентина на папата, Хавиер Милај, како и британскиот премиер Кир Стармер и принцот Вилијам, кој ќе го претставува својот татко, кралот Чарлс.
Папата Францискo почина во понеделникот, на 21 април, од срцева слабост и мозочен удар, по битката со пневмонија поради која беше хоспитализиран.