Запалено возилото на дописничка на „Сдк“, ЗНМ бара итна истрага


Фото: Б. Грданоски

 

Здружението на новинари на Македонија најостро го осудува инцидентот во кој беше запалено возилото на новинарката на порталот „Сдк“, Сузана Вренцовска, од Охрид. Возилото било запалено на 5 јануари 2025 година, во дворот на семејната куќа, во гаражата каде што било паркирано.

Според првичните информации, постои сомнеж дека станува збор за намерно предизвикан акт. Здружението на новинари го пивикува Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и темелна истрага за утврдување на сите детали и мотиви за овој тежок инцидент.

Овој случај укажува на загрижувачки тренд на зголемени ризици со кои се соочуваат новинарите во земјава. Ова не е изолиран инцидент. Во октомври 2024 година беше запалено и возилото на новинарот Благој Серсемов, уредник на локалната телевизија и онлајн медиум „М-нет“ од Штип. Иако мотивите за овие напади сè уште не се утврдени, ЗНМ истакнува дека ваквите инциденти, доколку немаат правна разрешница, може да создадат чувство на несигурност меѓу новинарите и да ја поткопаат нивната работа во служба на јавниот интерес. 

Пожарот во Охрид го изгаснала ппротивпожарната единица. По наредба на јавен обвинител возилото „бмв х3“ е земено за вештачење.

„На 05.01.2025 во 21.30 часот во СВР Охрид, С. В. од Охрид пријавила дека пред нејзиниот дом на улица ‘Париска комуна’ во Охрид било опожарено нејзиното патничко возило ‘бмв х3’ со охридски регистарски ознаки. Пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Увид извршила екипа од СВР Охрид, а по наредба на јавен обвинител возилото било однесено во кругот на СВР Охрид. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, вели портпаролот на СВР Охрид,  Стефан Димоски, за инцидентот со новинарката Сузана Вренцовска.

ЗНМ ги повикува надлежните институции да преземат итни и конкретни мерки за целосно расветлување на двата случаи, а сторителите мора да бидат идентификувани и соодветно санкционирани. Недозволиво е да постои неказнивост и да се создава простор за шпекулации во јавниот дискурс. Брзото дејствување е од клучно значење за зачувување на слободата на изразување и за спречување на самоцензура кај новинарите.