Запален автомобилот на Драган Митковски, соработник на Данела Арсовска


Во населбата Ѓорче Петров, синоќа бил запален автомобилот на Драган Митковски, со прекар Драги книга, инаку близок соработник на градоначалничката Данела Арсовска. Митковски беше носител на листа на последните парламентарни избори од партијата Нова Алтернатива.Тој е и првиот претседател на Комората на сметководители во ССК формирана во 2009 година на негова иницијатива и воедно сопственик на компанијата „Митковски ММ“, која е лоцирана во скопски Ѓорче Петров, каде што живее и семејството Арсовски.

„На територија на Општина Ѓорче Петров било опожарено патничко моторно возило ‘мерцедес а класа’ со скопски регистерски таблички, сопственост на правно лице од Скопје. Од пожарот зафатени се и патничко моторно возило ‘хјундаи’ и ‘сузуки свифт’ во делот на браниците и ретровизор. Се преземаат мерки за расчистување на случајот”, велат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

САКАМДАКАЖАМ повикувајќи се од партиски извори, пренесува дека Арсовска и Митковски по изборите ги заладиле односите, а кавгата се однесувала за серијата на разрешувања на директори на три јавни претпријатија.

Арсовска ги смени директорите на ЈП Водовод и канализација, Градски паркинг и Комунална хигиена.