Западот најавува нови санкции против Русија, колку ќе бидат ефикасни


Западните држави за денеска најавија нови санкции против Русија заради признавањето на Доњецк и Луганск како независни држави, јавија агенциите. Нови мерки најавија САД, ЕУ, Велика Британија, Канаа, а и Јапонија најверојатно ќе се приклучи на западните санкции против Русија. 

САД денеска ќе објават нови санкции против Русија како одговор на одлуката на Москва да ги признае самопрогласените републики во источна Украина и таму да испрати „мировници“, соопшти Белата куќа.

„Планираме да објавиме нови санкции против Русија во вторник како одговор на одлуките и активностите на Москва“, изјави портпарол на Белата куќа. Тој додаде дека САД се координираат со сојузниците и партнерите во врска со тој чекор.

Белата куќа објави дека американскиот претседател Џофез Бајден планира да издаде наредба за забрана на какви било нови американски инвестиции, размена или финансирање во Доњецк и Луганск, проруски области во источна Украина.

И Велика Британија денескаќе објави нови санкции против Русија, најави синоќа британската министерка за надворешни работи Лиз Трас, откако рускиот претседател Владимир Путин призна два проруски сепаратистички региони во Украина како независни држави.

„Утре ќе објавиме нови санкции против Русија како одговор на нејзиното кршење на меѓународното право и нападот врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, објави Трас на Твитер.

Државите од Европската унија се согласија да воведат ограничен пакет санкции кон Русија откако Москва ја призна независноста на самопрогласените републики Доњецк и Луганск, изјави холандскиот премиер Марк Руте.

„Се договоривме да воведеме ограничен пакет санкции, што ќе бидат насочени кон одговорните за таа одлука“, изјави Руте во интервју за холандската телевизија.

Тој додаде дека денеска се очекуваат детали за таа одлука. 

Јапонија најверојатно ќе се приклучи на западните санкции против Русија, вклучително и забрана за извоз на електронски чипови и други високотехнолошки производи во земјата, доколку рускиот претседател Владимир Путин нареди инвазија врз Украина, пишува весникот „Јомиури“.

Одлуката на третата светска економија да им се придружи на американскиот сојузник и другите членки на Г-7 во заканата од економски санкции, доаѓа откако Путин им нареди на своите војници да влезат во сепаратистичките региони во источна Украина кои Русија сега ги признава како независни држави.

Забраната за извоз на јапонска технологија во Русија би била поширока од онаа воведена во 2014 година по анексијата на украинскиот полуостров Крим, а Токио, исто така, размислува за воведување санкции врз руски банки, објави „Јомиури“.

Јапонските власти се уште не ја коментираа информацијата.

Јапонија во минатото зазеде помек став кон Русија отколку САД, а голем број јапонски лидери се обидоа да разговараат со Путин да ги врати во Јапонија северните острови окупирани по Втората светска војна. Јапонија е, исто така, главен купувач на руски гас.

И канадските власти имаат намера да воведат санкции против Русија во врска со нејзината одлука да ги признае т.н. Народни републики Доњецк и Луганск, се наведува во изјавата на канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли.

– Канада, заедно со своите партнери и сојузници, категорично ќе одговори на ова непочитување на меѓународното право, рече таа. – Ние се подготвуваме да воведеме економски санкции за овие дејствија, но одделно од оние што се подготвени како одговор на секоја понатамошна руска воена интервенција во Украина.

Џоли додаде дека и Канада остро го осудува потегот на Руската Федерација. – Ова е директно кршење на Договорите од Минск, Повелбата на ОН, како и сериозна закана за безбедноста и стабилноста на регионот, тврди таа.

Претходно премиерот Џастин Трудо изјави дека Канада нема да го поддржи признавањето на независноста на т.н. ДНР и ЛНР и ќе даде „одлучен и цврст одговор“ заедно со своите сојузници.