Западен Балкан е во неволја: ЕУ треба да му понуди нешто ново
ЕУ итно треба да го промени својот пристап - нејзиниот избор на „конструктивна двосмисленост“ повеќе не функционира и создава само иритација низ целиот регион
Тензиите пораснаа последниве месеци во Западен Балкан, а следните недели изгледаат тешки низ целиот регион. Во Босна и Херцеговина, лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, се заканува дека ќе ја води Република Стпска надвор од деликатно изградените државни институции во земјата. Во Северна Македонија, премиерот Зоран Заев поднесе оставка. Во Црна Гора, членовите на владината коалиција се во расправија. Во Косово, партијата Српска листа зборува за напуштање на државните институции. И во самата Србија, се појавуваат многу неволји, моментално протестите околу белградскиот мурал на Ратко Младиќ.
Со исклучок на македонскиот случај, заедничката нишка што се провлекува низ сите овие прашања е мешањето на српската влада во работите на нејзините соседи преку политичкото претставување на српските малцинства. Ова стана образец на однесувањето на Белград, таков со рефлексии од 1990-тите. „Задачата на оваа генерација политичари е да го создаде српскиот свет, односно да ги обедини Србите каде и да живеат“, објави во јули српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин. Темата која се повторува меѓу српските политичари ширум регионот е повикот за еманципација од постјугословенските војни. Заедно со високата јавна поддршка во регионот за авторитарните режими и за Русија и Кина, се создава отровна мешавина.
Србија е всушност заробена држава – „нашата тешко освоена слобода од Милошевиќ е изгубена“, ми рече неодамна еден локален набљудувач. Има „незаменлива влада“ и покрај слободните (но не фер) избори; таа е заглавена од корупција на високо ниво; а нејзиното медиумско опкружување дополнително се влоши. Според медиумските аналитичари, меѓу јули 2020 година и крајот на јуни 2021 година, претставниците на владејачкото мнозинство добиле дури 93 отсто од телевизиското емитување на програми што покриваат политички актери, додека опозицијата била присутна во преостанатите 7 отсто од времето. Само во септември, претседателот Александар Вучиќ, се појави – нашироко – на телевизија не помалку од 37 наврати, а некои емитувања траеја по два или три часа. И ова се протега надвор од очигледната област на политиката и тешките вести: една неодамнешна студија го истражуваше купувањето на правата од страна на српски Телеком за прикажување фудбалски натпревари од англиската Премиер лига во земјите низ регионот – потег направен, според мислењето на авторот, за „заклучување на балканската публика во нивните канали со нејзините антизападни наративи, кои кореспондираат со растечките врски на земјата со Кина, Русија и Унгарија“.
Русија и Кина ја користат корупцијата како начин за влијание врз државните институции во регионот. Како што постојано изјавува американскиот претседател Џо Бајден, авторитарните држави ја користат „стратешката корупција“ како средство за принуда, со поткопување на општествениот договор и довербата на јавноста во институциите – и уште повеќе го влошуваат лошото владеење во регионот. За обичните балкански граѓани корупцијата останува трет најважен проблем во нивната земја, по невработеноста и економската ситуација. Борбата против корупцијата и организираниот криминал стана причина за постоењето на опозициските партии ширум регионот, без оглед на нивната идеологија, бидејќи заробените држави навлегуваат во медиумите, правдата, економијата и јавните услуги како што е здравството. Како резултат на тоа, емиграцијата од Западен Балкан само продолжува да расте.
Очигледно е дека процесот на проширување на ЕУ е заглавен и така ќе остане уште некое време. Зачленувањето во Европската унија некогаш требаше да ги реши, меѓу другото, прашањата за лошото владеење што го мачат Западен Балкан, како и да го потврди немирниот мир воспоставен пред четврт век. Но, значителен број земји-членки на ЕУ сега видно не сакаат ниту да го наведат проширувањето во официјалните документи на Советот на ЕУ. Неодамнешните ветоа на земјите-членки на пристапните преговори ја демонстрираат неподготвеноста и неспособноста на ЕУ да го интегрира Западен Балкан – и се чини дека и граѓаните и политичарите во регионот ја имаат добиено пораката. Балканскиот барометар од 2021 година покажа дека една третина од Србите, Босанците и Македонците не очекуваат дека членството воопшто ќе се случи. Во тој вакуум, лесно навлегуваат националистичките идеи и другите сили. А анкетите спроведени од ЕЦФР ова лето потврдуваат дека луѓето во Србија имаат силно негативен став за ЕУ. Тие во голема мера го гледаат политичкиот систем на ЕУ како скршен, а нејзиниот одговор на пандемијата како некомпетентен. И тие го почитуваат раководството на сопствената земја со поголема почит, додека Русија и Кина ги гледаат како клучни сојузници, со 94 и 91 отсто поддршка.
Во овој контекст, што може поинаку да направи ЕУ? И што треба да се обидува да постигне?
Во многу спорна геополитичка средина, само техничките процеси повеќе нема да бидат доволни. ЕУ не може едноставно да ги зголеми пристапните преговори (со, на пример, проширување на пристапот до единствениот пазар) и да се надева дека динамиката ќе се промени. Таа треба да стане многу пополитичка. За да го повлече регионот поцврсто во европската орбита, таа би можела да користи постоечки формат за регионална соработка, како што е Берлинскиот процес. Пристапот до единствениот пазар би можел да биде дел од неговата агенда. Но, така треба да биде и патот кон државите од Западен Балкан кои конечно ќе склучат политички договори за да се решат долгогодишните спорни точки – како што се оние што продолжуваат да ги закочуваат односите Косово-Србија или односите на Босна со Србија и Хрватска. Државите кои ќе постигнат таков напредок треба да добијат пристап до европските фондови во замена.
ЕУ треба да се придвижи кон инкорпорирање на земјите од Западен Балкан во својот Зелен нов договор, отворајќи им можности да ја модернизираат својата инфраструктура и да постигнат посилен напредок во декарбонизацијата на нивните економии. Диверзификацијата на енергетските извори, исто така, ќе им помогне да станат помалку зависни од трети страни, како што е Русија за нивното снабдување со енергија, и ќе ја намали, ако не и елиминира, корупцијата во енергетскиот сектор.
Границите нема да го изгубат своето значење на Балканот во скоро време. Затоа, ЕУ треба да посвети поголемо внимание на безбедносната и одбранбената архитектура на регионот, која во моментов е запоставена. Вистински геополитички одговор од страна на ЕУ ќе бара проширување на Европската одбранбена унија. Доколку државите од Западен Балкан се приклучат на ЕДУ, тие ќе можат да учествуваат во проектите на ПЕСКО, а членството во ЕДУ треба да ги фокусира мислите на зголемено усогласување со Заедничката безбедносна и одбранбена политика. Србија, на пример, сака да ги модернизира производствените капацитети на своите големи државни производители на оружје. Наместо ефективно да ја принудува да соработува со земји како Белорусија, Русија и Обединетите Арапски Емирати, ЕУ треба да ја покани Србија да учествува во сопствените проекти. Борбените групи на ЕУ, исто така, не само што треба да го вклучат редовното учество на Западен Балкан, туку треба да стапат во оперативна служба во регионот, доколку ситуацијата се влоши.
Ако има нешто позитивно да се извади од тековните меѓусебно поврзани кризи на Западен Балкан, тоа е обновеното внимание што европските и американските креатори на политиката му го посветуваат на регионот. Но, ЕУ итно треба да го промени својот пристап – нејзиниот избор на „конструктивна двосмисленост“ повеќе не функционира и создава само иритација низ целиот регион. Помагањето на граѓаните да ја олабават контролата на корумпираните елити и повторното воспоставување на добро владеење во институциите, ќе придонесе за поцелосна поддршка на реформите и зајакнување на моќта на ЕУ во регионот клучен за зајакнување на нејзиниот меѓународен кредибилитет и обезбедување на стабилноста на нејзиното соседство.
(Весела Чернева е заменик-директор на Европскиот совет за надворешни работи и шеф на неговата канцеларија во Софија. Текстот е објавен на страницата на Европскиот совет за надворешни работи)