Занимање: инвеститор
Вие работите 10 часа дневно во магацин, а јас 10 часа дневно барам каде да вложам пари. Ние сме еднакви и јас сум работник колку и вие. Единствената разлика е што вие сте магационер, а јас инвеститор
Кога уредникот неодамна ми ја врати редактирана верзија на поглавјето за Адам Смит (од мојата нова книга „Визии на нееднаквоста“), забележав дека тој ја заменил формулацијата „стапка на добивка од капиталот“ на неколку места со „стапка на добивка од инвестицијата“ и „добивка од инвестираниот капитал“. Додека го враќав текстот во неговата оригинална форма, мислев дека таквите уредувачки интервенции совршено ја сумираат суштината на два сосема различни погледи на капитализмот. Односно, тие покажуваат како нашиот поглед се промени од ерата на индустрискиот капитализам во 19. век до денешните прифатени поими за финансиски капитализам и „капиталот“ како „слободни“ пари во потрага по добри можности за инвестирање. (Капитализмот е, се разбира, сè уште е индустриски капитализам – некој мора физички да произведува автомобили, паметни телефони и маици – но индустрискиот аспект на капитализмот е засенет од сеопфатната финансијализација.)
Мојот уредник посетуваше бизнис школи, така што за него капиталистот е, по природа на нештата, пред сѐ инвеститор; од друга страна, за Смит, Рикардо и Маркс, капиталист беше (пред сè) личност која ги користи сопствените пари за да започне производство, да ангажира и однапред да плаќа работна сила, да купува машини, да одлучи што ќе се произведува. Ако е успешен во бизнисот, може да ангажира луѓе да преземат некои од тие задачи, но сепак ќе биде целосно посветен на управувањето со претпријатието што го започнал. До денес, ова останува главната улога на капиталистот/претприемачот во многу развиени економии. Меѓутоа, во секојдневниот јазик зборот капиталист сѐ повеќе се однесува на некој што има пари да „пласира“ („инвестира“) во акции, државни обврзници, заеднички фондови и други финансиски инструменти.
Така, во широка употреба влезе нејасниот термин „инвеститор“, кој денес е наводно професија сама по себе. Среќавав луѓе кои се претставуваат како „инвеститори“, како што другите луѓе се опишуваат како чевлари, доктори, благајници, програмери и слично. Таа титула која не ни кажува ништо (освен во случаите што ќе ги опишам подолу), не е само производ на финансискиот капитализам како таков, туку и пресметан обид за „изедначување“ на двата фактора на производство, капиталот и трудот. Вие, на пример, работите 10 часа дневно во магацин, додека јас поминувам 10 часа на ден барајќи каде да вложам пари. Затоа сме еднакви, сите работат по 10 часа, а јас сум работник исто колку и вие. Разликата е во тоа што вие работите како магационер, а јас како „инвеститор“.
Зошто таквото изедначување нема основа? Вистина е дека некој може да помине 10 часа пред компјутер занимавајќи се со „инвестирање“, но вистинската заработка од таа работа се сведува на тој дополнителен износ над приходот што би го остварил инвеститорот доколку не направел ништо, откако еднаш ги вложил парите (и ги пуштил да „работат“) или ги предал на инвестициски фонд за управување. На пример, ако за 10 часа инвестирање заработил 100 долари, а без работа можел да заработи 90 долари, заработката за 10 часа работа е 10 долари. Таквиот инвеститор треба да се запраша дали вреди да работи за 1 долар на час. Работникот е во сосема поинаква ситуација: ако вработен во складиштето на „Амазон“ не се појави на работа, неговата плата е 0 долари. Значи – ова е многу важно – 0 часа работа во првиот случај произведува приход од 90 долари, а во вториот случај 0 долари. Инвеститорот не може да биде работник во смисот на тоа каков што е работник во магацин.
(Кога ќе слушнам некој се претставува како „инвеститор“, помислувам на оние луѓе кои се претставуваат како „филантропи“, буквално „луѓе кои сакаат луѓе“ – необична професија. Во двата случаи тоа се богати луѓе кои заработуваат без да работат, но им е непријатно на прашањето „со што се занимавате?“ да одговараат со „ништо не работам, живеам од парите што ги акумулирав/наследив“, па повеќе сакаат да кажат „јас сум филантроп“ или „јас сум инвеститор“.)
Сепак, зборот инвеститор е точен како професионална ознака за вработените во инвестициските банки, за луѓето платени да ги најдат најдобрите начини за максимизирање на приносите за богатите кои им ги довериле своите пари на управување. Нивната заработка е плата – дури и кога добиваат непристојно високи бонуси. Во истражувањето за распределбата на приходите, ја имавме следната дилема: како да се однесуваме кон извршниот директор на инвестициска компанија кој зема плата од 1 милион долари и добива бонус (во форма на акции) од 2 милиони долари? Заклучивме дека сиот тој приход (3 милиони) треба да се третира како приход од работа. Доколку директорот отиде на Бахамите и реши да не се врати на работа, неговата заработка ќе биде нула. Значи, за него, како и за работникот во магацинот на „Амазон“, заработувачката значи да се биде на работа (виртуелна или физичка). Затоа, тој приход е плата.
Некои луѓе се збунети од таквата класификација и им е тешко да ги гледаат брокерот кој работи во инвестициска компанија или нејзиниот директор како работници, бидејќи нивниот приход зависи од перформансите на акциите на берзата, а нивните плати се превисоки. Но, износите не влијаат на тоа дали ние класифицираме нешто како приход од труд или приход од капитал. Дури и кога капиталниот приход е 1 долар, а приходот од трудот е 1 милион американски долари, тие сè уште се капитален приход и приход од труд. На ваквата поделба не може да влијае фактот што плаќањата понекогаш се вршат во акции и дека заработката е под влијание на настаните на берзата. Да не заборавиме дека обичните работници понекогаш добиваат и плата во акции. Ако исплатата се врши врз основа на работа, тоа е плата. Само последователно, ако вработениот или директорот одлучи да ги задржи акциите, приносот на тие акции станува приход од капитал.
Овде некој ќе го постави прашањето, тогаш која е разликата помеѓу индивидуален „инвеститор“ кој поминал 10 часа на компјутер и брокер кој исто така седи на компјутер 10 часа барајќи добри можности за инвестирање, но работи за компанија која управува со туѓо богатство? Разликата е во тоа што во првиот случај, приходот од работа (плата) е само износот на разликата во однос на приходот што инвеститорот би го заработил и без работа: 10 долари во нашиот пример. Во вториот случај, брокерот е вработен како работник и неговата заработка е целосно произлегува од работата. Маркс би се согласил дека таков брокер не се разликува од работник во магацин на „Амазон“. И двајцата работат за компании во кои не се сопственици, обајцата произведуваат вишок вредност за сопствениците (сопствениците на „Амазон“ и инвестициските фирми) и обајцата се платена работна сила.
Во една неодамна објавена статија, авторите правилно заклучуваат дека падот на уделот на трудот во распределбата на националниот доход во САД е делумно преценет, бидејќи дури една третина од тој пад е резултат на погрешна класификација, т.е. неуспехот да се земат предвид инпутите во форма на труд (вклучувајќи го и претприемништвото) со оние поединци кои, како сопственици на С-корпорации, избираат поголем дел од нивниот приход да се исплаќа како добивка на сопственикот на компанијата, наместо како плата за вработениот, поради поповолен даночен третман. Делот од приходот поврзан со специфични инпути на трудот не е приход од капитал, туку приход од труд и претприемништво.
(Бранко Милановиќ е српско-американски економист познат по своите истражувања на нееднаквоста, професор на Универзитетот на Њујорк и поранешен главен економист на Светска банка. Текстот е објавен во Global inequality and more 3.0)